Преку социјалните мрежи се шират повици за протест „Време е за чист воздух“, најавен во сабота (17 ноември) од 12 часот пред бараките на Град Скопје во скопскиот Градски парк.
„Да станеме сите за чист воздух! За нас, за тебе, за мене, за нашите дома, за нашите деца, за сите нас! Протестот не е партиски организиран! Организиран е од мене, од тебе, од твоето дете, од твоите мајка и татко, од сите нас!“, се вели во повикот за протестот против загадувањето.
Истовремено и кумановчани организираат протест, исто така на пладне во сабота од плоштадот „Маршал Тито“.
„Кумановци, Куманово 13ти д’н по ред е најзагаден град у државу! Док не смо почнале да купуемо и боце сас кислород, како што купуемо флаширану воду. За да не га плаќамо данак и с’с животи, искочи на плоштад куде батко Ѓорѓију!“, стои во соопштението за протестот во Куманово.
Засега нема официјално информации дали и во некои други градови истовремено ќе се иницираат протестни собири за чист воздух.
Инаку, периодов повеќе еколошки организации и активисти реагираа на екстремното загадување, а О2 Иницијатива вчера побара итно вклучување за справување со загадувањето во буџетот за 2019 или оставка од Владата.
„Како итни реформски приоритети во првите 6 месеци, требаше да се воспостави Фонд за животна средина, во кој директно ќе се слеваат средствата добиени од такси за животна средина. Секој таков денар требаше да се намени исклучиво за проекти за подобрување на квалитетот на животната средина. Не само што не се оствари ова ни после година и пол, туку со минатонеделниот ребаланс на буџетот за 2018 се скратија над 2 милиони евра за заштита на животна средина. А се гушиме во загадување, мониторинг станици не работат, инспектори нема доволно, нема опрема за мерење, нема акредитирани лаборатории, нема доволно и адекватни субвенции за премин на домаќинствата во загревање кое нема да загадува, нема соодветен јавен транспорт што би ја намалил употребата на возила, законите стојат во место, правилници и уредби не се носат, …. и ова е само во областа на аерозагадувањето. Тонеме“, стои меѓу другото во вчерашната реакција на О2 Иницијатива.