Низ Кина вчера избија повеќе протести, меѓу кои и големи собири на повеќе универзитети, што е досега незабележана демонстрација на револт кон државната власт и нејзината „нула-ковид“ политика за справување со коронавирусот.
Бесот го предизвика пожар во четвртокот кој изби во зграда во градот Урумчи во кој починаа 10 луѓе. На социјалните мрежи излегоа видеоснимки на кои може да се види дека пожарникарите доцнеле во интервенцијата поради строгите рестриктивни ковид-мерки.
Протестите вчера и утрово се одржале низ повеќе градови и универзитети низ Кина. На повеќе видеа кои ги виделе новинарите на Си-Ен-Ен, може да се слушнат барања за оставки од претседателот Си Џинпинг и Комунистичката партија. „Оставка за Си Џинпинг! Оставка за Комунистичката партија“, „Не сакаме ковид-тестови, сакаме слобода!“ и „Не сакаме диктатура, сакаме демократија!“, биле некои од извиците кои можеле да се слушнат.
Во Шангај стотици луѓе палеа свеќи во сеќавање на починатите во пожарот од Урумчи. Потоа дел од овие граѓани држеа празен лист бела хартија, што е традиционален, симболичен протест против цензурата, и извикуваа „Ни требаат човекови права, ни треба слобода“.
Протести се одржале и во главниот град Пекинг. Еден студент на угледниот Универзитет во Пекинг за Си-Ен-Ен изјавил дека кога пристигнал на местото на протестот околу 1 часот по полноќ имало околу 100 студенти, а полицијата ги користела своите јакни за да ги прекријат протестните слогани нацртани на ѕидовите.
„Отворете ги очите и погледнете го светот, „нула-ковид“ е лага“, пишувало на еден од слоганите на Универзитетот.
Протестите се ретки во Кина, иако во последниве неколку недели расте јавното незадоволство поради кинеската политика за справување со коронавирусот.
Кина е една од последните земји во светот која се обидува да го спречи ширењето на вирусот на овој начин, а тоа го прави пред се` поради ниското ниво на вакцинација и потребата да се заштити постарата популација во земјата.