Демонстрациите против владата во Иран продолжија и во неделата на неколку локации низ земјата, а најмалку две лица беа убиени во најдолгите протести кои влегуваат во нивната четврта недела, пренесува Ал Џазира Балканс.
Учесниците на маршот извикуваа антивладини слогани и мавтаа со шамии во знак на отфрлање на принудните религиозни правила за облекување.
Во некои области, трговците ги затворија продавниците како одговор на повикот на активистите за комерцијален штрајк или за заштита на нивната стока од оштетување.
Протестите избија на 17 септември, по погребот на 22-годишната Махша Амини која почина во притвор на иранската полиција за морал. Амини беше приведена поради наводно кршење на строгиот исламски кодекс за облекување на жените.
Оттогаш, протестите се проширија низ целата земја и беа придружени со насилни судири, во кои се проценува дека десетици луѓе се убиени, а стотици уапсени.
Во градот Санандај, во северниот регион на земјата каде живее мнозинско курдско население, еден маж е убиен додека возел автомобил на главниот пат, соопштија организациите за мониторинг на човековите права.
Курдистанската мрежа за човекови права со седиште во Франција и Организацијата за човекови права Хенгав рекоа дека мажот бил застрелан откако свирнал на безбедносните сили стационирани на улицата.
Уште еден демонстрант беше убиен откако безбедносните сили пукаа за да ја растераат толпата во градот, а 10 демонстранти беа ранети, соопштија организациите.