Протестите во Иран што започнаа по смртта на Махша Амини се трансформираа во масивни протести против системскиот режим, јавува Гардијан.
Минатата вечер што е опишана како една од најстрашните за време на девет неделните протести, беа застрелани 15 луѓе вклучувајќи и членови на безбедносните сили и деветгодишно момче.
Внатрешните ирански новински агенции ги следат изјавите од владата на Иран, од каде велат дека непознати невладини сили или членови на Исламската држава се директно одговорни за убиствата, но сведоците тврдат дека било пукано и кон невооружени цивили.
Според, „Харана“, агенција за човекови права, вкупниот број на смртни случаи за време на последните протести е 348 луѓе, иако не може да се утврди точната бројка.
Владините новински агенции велат дека убиствата можеби се знак дека протестите се претвораат во вооружен бунт. Наскоро, како што е најавено, ќе има истражување на куршумите во телата за застреланите, а како што дознава Гардијан, веројатно ќе има масивна пропагандна битка во која владата ќе расправа дека протестите се основа за „сириизација“ на Иран и колапс на јавниот ред.
На видеата објавени на социјалните мрежи се гледа дека се затворени главните продавници во Големата чаршија во Техеран додека демонстрантите извикуваат антивладини слогани. Сепак, државата тврди дека нема ентузијазам за штрајковите и дека организираните банди, како што ги нарекуваат, им прават притисок на сопствениците за да ги симнат ролетните.
Борбата против режимот е поттикната и препознаена од многу реформски политичари и академици во Иран. Многу од демонстрантите веќе одамна не ги читаат вестите од официјалните ирански медиуми кои ги сметаат за дискредитирани извори на информации, туку се потпираат на внатрешните социјални медиуми или на меѓународните сателитски преноси како на Би-Би-Си Персија или Иран Интереншанал.