Протестната култура – дел од политичкото зреење на државата

Протестите се показател за политичкото зреење и демократското живеење во една држава. Токму протестите во изминативе години пркосеа на ставот на третирање на Македонецот во деминутив, како бесгласен човек што многу претрпел, а никогаш цврсто не се спротиставил.  Без разлика дали се работи за „напластена“ фрустрација, револт кон конкретни лоши политики, или поразвиен степен на граѓанска политичка свесност… видовме како се родија повеќе граѓански иницијативи и движења. По улиците маршираше иницијативата АМАН, произлегоа неколку Пленуми, протестираа хонорарци, новинари, екологисти, архитекти, лекари, шарени револуционери…

Граѓани протестираа против дискриминација и говор на омраза, хомофобија, полтронство и клиентелизам, против изгор скапа струја, угнетување на работници. Против екстерно тестирање и интервентиции во автономијата на УКИМ. Реки од луѓе по улиците протестираа за слободни медиуми и објективен јавен сервис, за квалитетна администрација, правото на чист воздух, поефикасен здравствен систем…

Се гледаа и слушаа и транспаренти од типот „Вратете ми ги другарите од Америка“, „Сакам дома да живеам“, „Доста беше молк“, „Протестирам за да го сочувам разумот“, „Протестирам зашто протестот е патриотизам!“.

Се чини, сето започна во 2009-та година со тепањето на студентите што протестираа против идејата за црква насред скопскиот плоштад. Овој случај влезе во речиси сите меѓународни извештаи, како индикатор за слобода на говор и мислење во Македонија. Дотолку повеќе што полицијата не успеа да заштити околу 150 студенти од нападот на голем број контрадемонтранти, кои беа повикани и од разни јавни личности и приврзаници на владејачката партија за да дадат поддршка за изградба на црквата.

Студентски протести

„Студенти, ако сега замолчиме, засекогаш ќе нѐ боли устата!“. Оваа реченица одѕвони во главите и поттикна напредна мисла и здрав разум. Оваа реченица се роди на протестите на студентите во 2014-та. Проструи со брзина на светлината и инстантно ги електрифицира антените на подзаспаните мозоци. На сцена истапија студенти со кристално чист и јасен видокруг, фокусиран, без апатична магла и себедеградирачки привиденија за реалноста. Студентите преку Студентски пленум повторно станаа симбол, олицетворение на социокултурното „пркнување“ на една нација.

Искрата кон чистата граѓанска мобилизација ја запалиСтоп за полициска бруталностза случајот со прикривањето на убиството на Мартин Нешкоски. Собирите „секој ден во шест“ позади Спомен-куќата на Мајка претставуваа еден вид мало граѓанско Собрание. Без никакви лидери, овде мегафонот постојано се префрлаше од рака во рака, константно се слушаше говорот на народот, секој имаше право да ја каже својата идеја, се водеа дебати околу насоките и целите на протестите, а, по започнатата петиција за потписи против полициската бруталност, се избираа и координативни тела што ќе ги конкретизираат и реализираат барања на граѓаните. За многумина, токму таму се корените на движењето „Протестирам“, кое со хоризонтална структура стана буден набљудувач на секаква злоупотреба на власт.

Активистот Александар Донев од „Протестирам“ вели дека протестот е начин и алатка за изразување на незадоволство, кое со право се гарантира на секој граѓанин, во секоја демократија.

Александар Донев

Александар Донев

Е, ние колку сме демократија е тоа дискутабилно.. нели. И во ситуацијата во која Македонија се наоѓа, каде институциите ни се комплетно нефункционални, и не им служат на граѓаните, што е нивна единствена цел, и се користат во партиски цели за задушување на секоја независна и критичка мисла, и каде гледаме дека поголемиот дел на медиумите се под контрола на истата власт, и наместо за информирање на граѓаните служат за манипулирање на граѓаните... Тогаш останува протестот како единствена форма“, вели активистот.

За него протестите изминативе години се единствен начин да се артикулира незадоволството, и да се посочи вниманието кон вистинскиот проблем во општеството. Потенцира дека низ светот ненасилните протести и статистички имаат голем процент на успешност и се најефективниот начин за борба дури и против најстрогите режими.

Ако мене лично ме прашате, во Македонија сигурен сум дека не би сакал ни да знаеме кај ќе бевме да не беа протестите, да не беше „Стоп за полициска бруталност“, да не беше Протестирам движењето, Шарената револуција и слично. Така да, нас протестите мислам дека не спасија“, смета Донев.

Континуирана практика за контра-протести и „заокружувања“

Она за што многумина се согласуваат е и дека ваквиот начин на улична демократија е постојано оцрнуван од пропагандната машинерија, која политичкото често го прикажува како нешто што не им припаѓа на граѓаните, туку единствено на центри на моќ и партии.

Во услови кога политичката дебата е обезвреднета, не е ни чудно правото на протест да е девалвирано. Новоустановена практика е на секој поголем протест да се организа и контрапротест. Јавноста следеше контрапротести на студентите и професорите, стечајците добија контраши Жртви на транзицијата, АМАН доби Изгор транзиција, се организираа и контрапротести на „Стоп за полициска бруталност“, на земјоделците,  лекарите. Се организираше дури и контракамп, а се појавија и т.н. „бранители на институции“ околу Уставен суд.

Контра-протест околу Уставен суд

Последниве експресно си заминаа од Уставен откако стигна одлука и се отвори можноста претседателот да помилува осуденици за изборни инциденти, попречувачи на изборно право, педофили, силувачи… „Шарена револуција“ протестираше токму откако Ѓорге Иванов донесе уште поконтроверзна одлука  – помилува 56 функционери и лица главно поврзани со случаи кои македонската и светска јавноста ги слушна преку „бомбите“.

Во духот на протестната култура, активистот и новинар Огнен Јанески нагласува дека проблемот кај нас е тоа што во почетокот повеќе граѓани имаа страв да излезат на протест, бидејќи автоматски се чувствуваа како дел од нешто што е против државата.

Огнен Јанески

Ние уште имаме проблем ако ти излезеш да протестираш против некого, ти автоматски стануваш предавник, затоа што вие си излегол да протестираш против одредена работа која ја направила власта за државата. Но, има разлика меѓу политичко и партиско. Не може да дозволите да ви влијае пропагандната машинерија. Затоа што ако вие потпаднете под нејзино влијание, вие автоматски не сте се предале, туку вас ве победела пропадандата со лаги и невистини кои не се дел од вас. Вие сте потклекнале и сте се повлекле, што на другите им дава право, оние што другите ве следеле да речат Чекај, можеби има нешто вистина, зошто инаку би се повлекол?!’“, забележува Јанески.

Тој се сеќава на протестите по смртта на малата велешанка Тамара Димовска, по кои, за прв пат се случија оставки по 9-годишното владеење на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, иако стануваше збор за четврт ешалон на власта. Истовремено тие протести влијаеле и врз свеста на граѓаните дека, сепак, нешто се придвижува и менува.

Двајца директори, во исти ден, си поднесоа оставки за време на протести. Што не беше случај никогаш во историјата на, не само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на претходните влади. Тогаш бев во самата организација на протестите. Ги одбивме партиите за било каква логистичка помош. Ни беше многу тешок организацискиот процес.Ние почнавме 500-600 души кај Фондот за здравство, продолживме некои 1.200 по улиците, и ни се придружуваа луѓе од страна кога сфатија за што станува збор, стигнавме до бројка од 2.000. Кога стигнавме кај министерство за здравство, ние бевме скоро 4.000 луѓе. Зошто? Затоа што во меѓувреме кога тргнавме накај Фонд за здравство, јас на разглас кажав дека двајцата директори си поднеле оставки од Фонд за здравство. И тука многу луѓе кои не ги интересира политикаа политика е се во еден живот на еден човек – загаден воздух, политика е како вие го уредувате радиото, политка е се’ што се прави во животот…  тие тогаш рекоа Абе, види, протестиве некако успешни се во приказнава’“, се присетува Јанески.

 

Бојан Шашевски

* Темата првично е објавена во емисијата „Мегафон“ на РадиоМОФ