Владата на денешната седница усвои сет од 10 препораки наменети првенствено за училиштата, како и за сите останати учесници во функционирањето на воспитно – образовниот систем, со цел да се реагира внимателно и правилно во насока на подигнување на безбедноста во училишните објекти и превенирање на меѓуврсничкото насилство.
„Им препорачуваме на сите локални самоуправи во соработка со Меѓуопштинските центри за социјална работа, да формираат стручни тимови на ниво на општина во чиј фокус на работа ќе бидат разговори поединечно со секое дете/ученик во секое училиште. Втората препорака е за Државниот совет за превенција на детско престапништво кој треба да достави информации за работата и колку општински совети за превенција се опфатени, a во следниот период да ја засили комуникацијата со Министерството за образование и наука во насока на преземање активности за градење на клима на доверба и добросостојба во училиштата, односно да се засилуваат превентивните мерки“, рече Шаќири, додавајќи дека во активностите на општинските совети за превенција треба да се предвиди вклучување на Сојузот на средношколци.
Со третиот заклучок им се укажува на сите основни и средни училишта да одржат состаноци со сите родители/старатели на тема подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и состојбите во училишните објекти и околината.
На состаноците, како што информираше Шаќири, потребно е да се отвори темата дали се потребни училишни униформи како кодекс на облекување на учениците, родителите да се запознаат со етичкиот кодекс на наставниците како и да се размисли за надополнување на постоечките кодекси со правила за облекување на наставниот кадар и стручните служби.
„Потребно е на овие состаноци родителите да се потсетат за законските обврски кои произлегуваат од Законот за семејство и Кривичниот законик во делот на одговорностите при извршување на родителското право. Училиштата е потребно да го известат Министерството за образование и наука за присутноста од страна на родителите на овие состаноци. Секако, на овие состаноци секој поединец треба да се запознае со усвоените 10 препораки“, додаде министерот.
Во кризни ситуации кои можат негативно да влијаат на однесувањето на учениците, потребно е менаџментите, наставниците и стручните служби треба да одговорат соодветно, да дискутираат и да влијаат на менталната состојба на младите, да понудат поддршка за надминување на предизвиците и да овозможат смирување на несигурноста и задржување на чувството на безбедност во училиштето. Ова е четвртата препорака која ја усвои Владата денес, додека како петта е предвидено, основните и средни училишта да направат организација и протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и наставниците за време на часовите и во просториите на училиштата.
Користење на мобилните телефони во училниците потребно е да се ограничи со цел да се поттикне дискусија, размена на идеи, отворени разговори, фокусирање на содржината на учење и друго.
Шестата препорака се однесува на МОН и Бирото за развој на образованието кои треба да подготват листа на ресурси за кои ќе се дискутира на одделенски/класен час помеѓу наставниците и учениците, а ќе служат за унапредување на добросостојбата на учениците.
Како пример, Шаќири ги посочи Прирачници за животни вештини и Програма за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и загрижувачките институции и средини.
„Со седмата препорака им се укажува и препорачува на општините и на Град Скопје во новата Годишна програма за работа на училиштата да се развијат и дополнително зајакнат превентивни програми за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, соработка со родителите, односно старателите. Исто така, потребни се и активности за развивање на емоционални вештини и компетенции, за намалување од ризикот од психолошки нарушувања, појава на анксиозност и депресивност, а посебен фокус да има кон учениците кои се под зголемен ризик“, нагласи министерот.
Следните две препораки се однесуваат на училиштата кои треба да обезбедат континуирано непречени услови за стручните соработници да се фокусираат на училишната клима, грижата за менталното здравје и добросостојбата на учениците, а тоа значи да имат простори услови со цел да бидат отворени за тет-а-тет средби со учениците во секој момент.
„Последниот заклучок е нешто што веќе го споменавме претходно во јавноста, МОН заедно со стручни соработници од основни и средни училишта, претставници на Сојузот на средношколци, универзитетски професори, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат ќе формираат работна која ќе треба да креира протокол за советодавна работа при обезбедување поддршка за психосоцијално и ментално здравје на учениците“, рече Шаќири, додавајќи дека препораките почнуваат да важат веднаш.
Како што изјави министерот, овие мерки не се фиксирани, па процесот на консултации за дополнителна надградба останува отворен.