Мултимедијалниот проект „Прозорци“ во продукција на Инкубатор – платформата за млади уметници ќе биде премиерно изведен вечерва во 19:00 часот во Домот на АРМ во Скопје.
„’Прозорец’ е студија за релациите, отуѓеноста и моменталното чувство на поединецот, искажана низ монотонијата на секојдневните рутини во однесувањето, со цел да отвори ‘прозорец’ кон надминување на тие секојдневни рутини и калапи на однесување“, се вели во најавата.
Авторка на проектот е скулпторката и продуцентка Матеа Мијановиќ, во изведбата ќе учествуваат и кореографката Адријана Данчевска, визуелниот уметник Митко Дамјановски, Драган Теодосиев, кој е тапанар и музички продуцент и танчарите Дејан Битровски и Анастасија Данчевска.
„Идејата врз која се базира продукцијата е истражување на нови правци на создавање, тематски поврзани со лични состојби, како отвореност и спреченост, состојби кои се во директен сооднос со самите уметници, нивните внатрешни и надворешни ограничувања и можности“, велат од Инкубатор.
Фото: Инкубатор – платформа за млади уметници