„Прозорец со поглед – неограничено време во ограничен простор“, е насловот на заедничкиот проект на визуелниот уметник Иван Ивановски и композиторот Александар Пејовски, кој се реализира во соработка со кураторот Владимир Јанчевски. Изложбата ќе се отвори утре, на 3 септември, со почеток во 20 часот.
Изложбата која ќе биде претставена во изложбениот простор на КСП „Центар-Јадро“ во форма на уметничка аудиовизуелна инсталација, претставува обид за деконтекстуализација на етаблираните форми, преку визуелни и звучни елементи кои коегзистираат во еден простор. Проектот е сочинет од четириесетина слики на Ивановски со различни димензии изработени во техника акрилик на платно и хартија и музичка композиција на Пејовски насловена „Отворен прозорец“ (Open Window), тие воспоставуваат релација во рамки просторната поставка, како двонасочна визуелна и музичка кореспонденција.
„Секој нов момент е нов предизвик, а позиционирањето и ориентирањето во времето, особено денес, зависи од нашата спремност да ја разбереме смислата на експоненцијално убрзаната технологизација на околината. Новата пандемиска реалност отвора многу нови дилеми за прашањата на просторот, слободата на движење, на физичкото и виртуелното присуство, за дистанцата и отсуството на емпатија. Паралелно со тоа, развојот на вештачката интелигенција и машинското учење, како и системите за следење и алгоритмите за екстракција на информации, во голема мера ја менуваат ситуацијата и со уметноста и културата и начините на кои таа се создава, презентира и восприема. Се отвораат нови прозори, но дали нудат нови видици?“, велат од Јадро.
Оттаму истакнуваат дека идејата е гледачот да влезе во еден вид деконструиран „атриум“ во кој што ќе си го постави прашањето: „Дали гледам надвор, или некој однадвор ме гледа мене?“