Астрономите откриваат нови изненадувачки детали за атмосферата на планетата Сатурн користејќи ги новите фотографии направени од Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ на НАСА.
На фотографијата самиот Сатурн изгледа исклучително темен поради речиси целосната апсорпција на светлината од метански гас. Прстените, сепак, остануваат светли, создавајќи „необичен изглед“ на планетата во оваа фотографија, велат од НАСА.
Месечините на Сатурн, Диона, Енеклад и Тетида се мали светли точки од левата страна, додека Касиновата празнина, Јазот Енке и прстените А, Б, Ц и Ф се прикажани на десната страна. Касиновата празнина е најголемата од празнините во сатурновиот систем на прстени.
Набљудувањата на прстенестата планета со блиско-инфрацрвено зрачење се прави за првпат благодарение на високо чувствителниот телескоп, кој на оддалеченост од 1,5 милиони километри од Земјата го набљудува Универзумот подетално од сите други вселенски телескопи.
Фотографијата е направена со помош на блиската-инфрацрвена камера на „Џејмс Веб“ позната како „NIRCam“, како дел од програмата на телескопот кој вклучува неколку исклучително длабоки експозиции на Сатурн. Овие снимки ја тестираат можноста на телескопот да ги регистрира незабележителните месечини околу планетата и нејзините прстени, бидејќи секоја нова откриена месечина може да им помогне на научниците да ги разберат моменталните и поранешните системи на Сатурн.
Лансиран во 2021 година, Телескопот „Џејмс Веб“ може да го проучува почетокот на времето многу подетално, да лови незабележани формации меѓу првите галаксии и да погледне во внатрешноста на песочните облаци каде ѕвездите и планетарните системи се формираат во моментов.
Низ годините атмосферата на Сатурн и неговите прстени беа набљудувани и од други мисии, како Пионир 11, Војаџер 1 и 2, вселенското летало Касини и Вселенскиот телескоп „Хабл“. Во иднина, според НАСА, ќе следуваат уште подлабоки снимки од „Џејмс Веб“ со кои астрономите треба дополнително да ги проучат прстените околу планетата.