Тема: (Не)европско функционирање на Комисијата за заштита од дискриминација [1]

Комисијата за заштита од дискриминација има постојан недостаток на финансиски и човечки ресурси, а постои и загриженост за нејзината независност. Нема систематско собирање на податоците за пријавување, истражување и гонење на говорот на омраза и злосторствата од омраза.

Ова се дел од забелешките во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за Комисијата за заштита од дискриминација, телото кое е замислено како самостоен и независен орган кој се бори против дискриминацијата во земјата.

Прв дел: (Не)Европско функционирање на Комисијата за заштита од дискриминација

Дури и самата Антидискриминациска, во последниот извештај за својата работа за 2012 година, навела дека доколку и во наредните години се определуваат средства од буџетот во иста или слична висина, Комисијата ќе нема капацитет да ја извршува својата основна надлежност – постапувањето по претставки.

„Со зголемување на бројот на претставките ќе се истрошат капацитетите за ефективно, правично и точно постапување по претставки. Тоа, пак, од друга страна, нема да дозволи да се посветат ресурсите на другите надлежности кои ги има Комисијата, како што се информирање на јавноста, подигнување на јавната свест, соработката со локални, национални и меѓународни организации и институции. Со други зборови, во целост би се блокирало функционирањето на Комисијата“, се наведува во заклучоците на извештајот.

Голем дел од 2012 година Комисијата немала телефон ниту интернет конекција, што според неа се должи на немањето пари. Институцијата само признава дека нема доволно административен и финансиски капацитет за во потполност и најефикасно да ги исполни сите обврски предвидени со закон. Функционирањето на Комисијата по којзнае кој пат го наметнува прашањето колку таа во моментот е ефективна во својата работа и дали ги задоволува критериумите на Европската унија?

Државни службеници

Една од најбизарните работи околу ова тело е што голем дел од самите членови на комисијата, вклучувајќи го и нејзиниот претседател, Душко Миновски, истовремено се вработени во министерството за труд и социјална политика, Собранието, државните универзитети…

Дали е можна независност на Комисијата за заштита од дискриминација во ситуација кога самите нејзините членови се вработени во државни институции?

Познавачите велат дека според меѓународните стандарди за национални институции за човекови права, ова е неприфатливо. Националната експертка во Европската мрежа на правни експерти од полето на не-дискриминацијата и Програмската директорка на програмата за човекови права на ЦРИС Студиорум, Билјана Котевска за Радио МОФ вели дека Париските принципи јасно кажуваат дека е потребна плураност во составот на овие тела, но дека не може дел од членството на овие тела, да биде дел од власта.

Тие може да бидат вклучени во дел од работата на овие тела, на некои од неговите состаноци, но само во советодавна улога и никако со право на одлучување и право на глас.

„Иако комисионерките и комисионерите не се членови на КЗД како назначени претставници од власта, туку се избрани на јавен оглас, не се менува фактот дека тие се вработени во извршната и законодавната власт. До КЗД стигаат претставки и против јавниот сектор, а и против „работодвачите“ на некои од комисионерите и комисионерките, така што не може да се очекува потенцијалните жртви на дискриминација да ги гледаат овие членови како неутрални и да се чувствуваат дека можат слободно да го поднесат својот случај до ова тело, и не може да се очекува овие членови да донесат мислење во кое ќе најдат дека нивниот сегашен „работодавач“ дискриминирал“, вели Котевска.

Претседателот на Комисијата, Душко Миновски пак не се согласува со ваквите правила. Според него, прашањето за независноста на членовите на комисијата е завршена приказна и Комисијата функционира независно.

„Ние имавме и повеќе обуки за едукација за основите за дискриминација, дел со поддршка на ОБСЕ па и на нив беше посочено дека речиси половина од европските држави имаат комисија која е поставена на ист начин како и кај нас. Членовите професионално ја вршат работата, се состануваме еднаш неделно, имаме лица кои се борци за човекови права. Комисијата е независна, за тоа говори и фактот што сме укажале за дискриминација во 15 случаи и никој не кренал слушалка за да реагира на ова“, вели Миновски за Радио МОФ.

Јасмина Голубовска од Хелсиншкиот Комитет за човекови права за Радио МОФ вели дека тие и Комисијата заедно се согласни дека ова тело нема капацитети, ниту административни ниту практични, за да може да работат во условите во кои моментално работат.

„Не се доволно распространети низ републиката, не се во комуникација со граѓаните, ниту пак реагираат јавно и осудуваат дискриминација кога таа се случува во јавниот простор, или пак е забележана од страна на медиумите“, вели Голубовска.

Кристина Озимец

(продолжува)