Од денеска до 10 декември во Струга ќе се одржува прво издание на фестивалот за краток филм „Drim Short“, под слоганот „Дајте ми добра приказна, а реалноста ќе ја следи!“
Оваа година фестивалот ќе биде ревијален и со програма која ќе се фокусира на младите македонски автори и филмови од македонската продукција, меѓу кои се филмови со силни општествени теми.
„Drim Short“ е идеја на млади филмски работници од Струга кои се надеваат на создавање филмска традиција и продукција во градот, а со тоа да придонесат во континуитет во културниот живот, а пред се да ја вратат навиката на стружани за одење во кино.
Во рамки на фестивалот ќе се одржи дискусија на тема „Социјалната ангажираност во новиот македонски филм“, а во офф-програмата ќе биде изведена претставата „А што потоа?“ во режија на Драгана Стојчевска, како и диџеј-сетови на Душко Јаневски и Богдан Јамакоски.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура преку проектот „Нов културен бран“ и во соработка со фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија Скопје.