„Литера“ го најавува првиот Саем на литература за деца, кој ќе биде дел од шестото издание на истоимениот фестивал наменет за промоција на литература и илустрација за најмладите читатели.
„Идејата не е само да го прославиме богатството на литературата, туку и да влијаеме врз развојот на децата и нивната едукација. Преку Саемот на литература за деца, книгата станува достапна и привлечна за младите читатели, стимулирајќи ги да ја разгорат својата желба за читање и истражување на светот на зборовите и илустрациите“, вели Ема Ќипроска, програмски менаџер на Фестивалот „Литера“.
Саемот на литература за деца ќе се одржи од 15 до 18 мај, односно во деновите кога се одржува и Фестивалот. Покрај тоа, годишново издание на „Литера“ ќе понуди изложби, работилници, конференција. Земја во фокусот е Турција, од каде ќе гостуваат тројца еминентни илустратори, кои ќе одржат мастер класови.
Од издавачката куќа велат дека идејата е преку саемот домашните автори, илустратори и издавачи да добијат уште една можност за промоција на своите дела, а читателите на едно место да можат да ја видат понудата на литература за деца. Истовремено тоа е можност за децата да се сретнат со своите омилени писатели.
Меѓународниот фестивал за литература за деца „Литера“ досега се има одржано пет пати.