Иако министерката за образование и наука Весна Јаневска тврди дека огласите за образовни асистенти не доцнат и дека 815 вакви профили денеска стапуваат на работа, од друга страна, родители на деца со атипичен развој се чувствуваат дискриминирани, бидејќи на првиот школски ден им беше кажано дека ќе мораат да почекаат за асистент, барем на две недели. Ова значи, родителите треба да се снаоѓаат како знаат и умеат: дали да го остават детето дома, дали да ескивираат од работа и одат со него во школо, или пак да го остават во училиштата каде за него би се грижел наставничкиот кадар кој некаде се справува и со 30 деца во клас и не е доволно подготвен за инклузивниот процес.
Елена Јакимовска-Павлеска, мајка на дете со аутизам, е револтирана од развојот на настаните. Нејзиниот син е петто одделение, учи во скопското школо „Димитар Поп-Георгиев Беровски“, па смета дека е срамно што родителите како неа се дојдени во ситуација да се тресат дали децата ќе имаат асистент.
„За атипичните деца асистентот е олицетворение на училиштето. Не учителката и децата, туку асистентот, кој е поддршка и грб како да се сработи нештото и да се застане рамо до рамо со останатите деца. Како лани можеше навреме да се пуштат асистенти на 1 септември, а сега ‘пу-пу не важи’? прашува Јакимовска-Павлеска.
Оттука, таа бара образовните асистенти уште утре да се пуштат во училиштата, затоа што смета дека ова создава агонија за родителите.
„Можам да напуштам работата и да седнам со моето дете во клупа, или било кој друг родител? Од што ќе живееме? Јас морам да го носат детето на училиште, нема кој да остане со тоа дете. Јадна учителка, само она знае како ќе се справи. А, што правиме со училиштата во каде има истакнато ‘да не се носат децата додека не почнат образовните асистенти’? Знаете дека ова може да создаде одбивност кај децата и да не влезат во училиште? Каде се исмејувани, поттурнувани, уште и државата ќе ги отфрла? Не се колатерална штета, тие се деца како и секое друго дете. Ова е срамно. Се срамам каде живеам“, нагласува мајката на петтооделенецот со аутизам.
Јакимовска-Павлеска се осврнува и на огласите за образовни асистенти. Оваа година, вели таа, преку „Нова Македонија“ дури на 19 август е пуштен оглас, додека лани тоа се случувало во јули, а на 8 август веќе биле завршени сите интервјуа и асистентите почнале на време, со сите потребни документи.
„Дури и лани кога доцнеа проценките на МКФ, децата беа пуштени во училиште и потоа надокнадно се даваа проценките, само асистентите да не се изгубат. Оваа година МКФ проценките се делимично на време, а асистентите ги нема. Одјавени се од работен однос на 31 (август), дадено им е дека не смеат да се појават во училишта, зашто децата ќе ги очекуваат. Имаа три месеци во тековното цело лето да го решат проблемот. И, проблемот не е решен“, нагласува Јакимовска-Павлеска.
Министерката за образование, Весна Јаневска, тврди дека за новата учебна година се планирани над 1.000 асистенти. Од нив, 815 уште денес ги потпишуваат договорите и денес можат да почнат со работа. За оние дополнителни 200, за кои претходно немалo средства, Јаневска вели дека МОН ги обезбедило со ребаланс на Буџетот.
„Денес се објавуваат конкурсите. Конкурсот ќе трае 5 дена, потоа следат уште две недели обука и тие веќе, после тој период, ќе можат да влезат во училиштата. Училиштата се обврзани да имаат инклузивни тимови. Наставниците се обврзани да ги примат сите ученици во одделението и да се погрижат за нивното образование. Немаме криза, се’ е во ред и ќе биде во ред. Доколку има потреба, како одговорна Влада ќе направиме напори да обезбедиме дополнителен број на образовни асистенти“, рече Јаневска при денешната посета на школото „Стив Наумов“ во Гази Баба.
На прашањето на Радио МОФ зошто доцнат асистентите и порано не започна процесот, со цел децата со атипичен развој да не бидат дискриминирани, таа тврди „децата не се дискриминирани, овој процес не доцни, овој процес е секогаш таков“.
„Бројот на децата со посебни образовни потреби се менува секоја година. Значи, ние не можеме да знаеме колку дополнително ќе бидат запишани во прво одделение. Комисијата за функционална проценка (МКФ) и деновиве одобрува дополнителни асистенти. Процесот се одвива во најдобар ред, воопшто не се доцни, Ресурсните центри си ги проверија бројот на децата кои се потребни, направија пресметки, ние ги проверувавме пресметките, Министерство за финансии ги проверуваше и тие течат како што треба да течат. Нема потреба од паника, се’ ќе биде во ред“, рече Јаневска.
Ако се погледне Правилникот за побарување асистенти, прво треба да помине проценката на службите што работат по Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ). Тие треба да одлучат дали на детето му треба асистент, Индивидуален образовен план (ИОП), или модифицирана програма, согласно неговите можности и развојот. Потоа, основните школи мислењата на МКФ-службите ги доставуваат до Основните училишта со ресурсен центар (ОУРЦ), според утврдена реонизација. Таквите барања за образовен асистент треба да се достават до крајот на месец март, ако се работи за деца од второ до деветто одделение, а за првооделенците – до јуни. На крајот, Ресурсните центри ја тераат постапката преку јавен повик, спроведуваат обука и ги вработуваат асистентите на определено време, па тие треба да бидат подговени за првиот школски час на 1 септември.
Сепак, Ресурсните центри коментираа дека е скоро невозможно од утре асистентите да стартуваат со работа. Не може за еден ден да се интервјуираат сите пријавени и да се потпишат договори. Причината е, како што велат, доцни распишаниот оглас.
Новиот систем за „Образовна асистенција“, со кој асистентите паднаа на товар на државата, стартуваше во 2021 година, во склоп со промените на Законот основно образование. Тогаш државата обезбеди скоро 60 милиони денари за образовни асистенти, кои на стартот беа 500, па испадна дека тоа е лоша проценка и се накачија на 750, а лани бројката стигна до 820. Ова важи само за поддршката за основците, додека родителите на средношколците се’ уште го чекаат инклузивниот Закон за средно образование, за да не плаќааат од џеб за асистенти.
Моментално, МОН не дава конкретна информација колку вложуваат за образовни асистенти.
„Толку колку што треба“, беше денешниот одговор на министерката Весна Јаневска.
Бојан Шашевски