Вечерва, со почеток од 21 часот во бифето на Младинскиот културен центар, Радио МОФ ќе го одржи настанот „Прва читачка проба“, на кој публиката со актери од Театарот за деца и младинци ќе зборува за активизмот преку уметност.
Како театарот може да биде платформа за пренесување на социјална и општествена порака? Како да се продолжи да се твори без цензура и замолчување, кога системот го налага спротивното? Ова ќе бидат прашањата за кои ќе дискутираат актер(к)ите Ненад Митевски, Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Емра Куртишова, Мартин Јордановски, Бојан Кирковски и Мики Анчевски.
На „првата читачка проба“, ќе и овозможиме на публиката одблизу да ги запознае актерите кои на македонската театарска сцена отелотворија ликови кои војуваат со некаков систем, преку нив поместувајќи ја границата меѓу уметноста и реалноста – бидејќи како и своите ликови, и тие се гласни во нашето општество, борејќи се за друга кауза.
Ќе разговараме и за тоа како една социјална идеја може да биде преточена во уметност и како театарот може да биде платформа на која уметноста извршува една од своите најголеми улоги – да поттикне напредок и промени.