Прва молитва во Аја Софија по 86 години, откако од музеј е претворена во џамија

Во тек е петочната молитва во Аја Софија во Истанбул после 86 години, по одлуката ова историско наследство од музеј да се претвори во џамија, јавува „Ал Џазира Балканс“.

Многу граѓани чекаа на 11 контролни пунктови за да им биде дозволено да влезат во просторот кој е предвиден за молитва. Надлежните служби, по дезинфекцијата, на граѓаните им делат маски и еднократни простирки за молитва.

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган исто така пристигна во џамијата за молитва. Тој дојде еден час пред почетокот, а насобраните верници го поздравија со аплауз и овации. Ердоган во саботата изјави дека очекува меѓу 1.000 и 1.500 верници да присуствуваат на молитвите и вети дека ќе бидат спроведени мерки за физичко растојание.

Како дел од воведените мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, предвидено е молитвата да се изведува во пет зони на отворено, три за мажи и две за жени. Во исто време, на контролните пунктови, надлежните служби контролираат дали посетителите имаат маски и ја мерат нивната телесна температура.

На терен има и 736 здравствени работници распоредени на 17 локации, неколку десетици амбулантни возила, како и амбулантен хеликоптер.

Аја Софија служела како црква 916 години, се до османлиското освојување на Истанбул, а статус на џамија имала од 1453 до 1934 година кога била претворена во музеј.

Одлуката на некогашната влада на земјата со која на 24 ноември 1934 година на Аја Софија и е доделен статусот на музеј е поништена на 10 јули годинава. Со поништувањето на одлуката, на Аја Софија и е вратен статусот на џамија.

Како една од најпосетуваните туристички дестинации во градот на Босфорот, Аја Софија од 1985 година е впишана на Листата на светско културно наследство на УНЕСКО.

Европската унија, САД, Русија, УНЕСКО и повеќе црковни лидери ја изразија својата загриженост поради промената на статусот на Аја Софија, додека Турција инсистираше на тоа дека тоа е нејзино „историско и суверено право“.

Ердоган рече дека таа ќе остане отворена за туристите, а дека влезот од сега ќе биде бесплатен.

Аја Софија веќе не е музеј, одлучи Врховниот суд во Турција