Донесена е првата позитивна пресуда од четири случаи за кои здружението РОМА С.О.С. инциравме судски постапки изнимантиве години и кои се застапуваат пред Основните судови во Македонија за прекршување на правата од здравствена заштита кај пациенти Роми.
Пресудата е донесена за С.Ф. од Делчево, која при пад од скали го повредува десното рамо и се здобива со скршеница што не е соодветно третирана од доктор ортопед во кочанката болница Кочани. Жената, инаку Ромка, потоа добива намалена функција на раката и потреба од хируршка интервенција и поставување на вештачки зглоб. Организацијата иницира судска постапка во која е досуден паричен надомест од 200 илјади денари за направена штета, мерка што е предвидена и со Европската повелба за правата на пациентите.
„Ваквите позитивни одлуки во интерес на оштетените Роми, ja охрабруваат ромската популација да бара одговорност од здравствените работници со цел правично спроведување и потврда на “правото на здравје за сите без дискриминација“, сметаат од РОМА С.О.С.
Во 2010 година здружението РОМА С.О.С. формираше Правен оддел во рамките на проектот “Здравјето на Ромите – основно човеково право” финансиран од ФООМ, со цел да креира стратешки метод преку кој прекршувањата на правата од здравствена заштита ќе бидат јавно и институционално актуелизирани. Притоа преку примена на законските регулативи се бара обезбедување еднаков пристап на Ромите до правата од здравствена заштита.