Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, вчера попладнево беше повикана и однесена во Кривичниот суд, потврдија од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Во рамките на предметот `Адитив` од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување на истрага за уште три лица“, рекоа во ОЈО.
Денеска судот по претходна постапка го прифати барањето на Јавното обвинителство и определи мерка притвор во траење од 30 дена за првоосомничениот во продолжената акција за „Адитив“, додека за Димитровска и уште едно лице определени се мерки за претпазливост. Мерките се донесени по нивно произнесување во судот. Против овие решенија, странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Осомничените се товарат со делата „Злосторничко здружување“, „Злоупотреба на постапка за јавни набавки“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“ како и за делото „Oддавање службена тајна“. За мрежата во која сега се сомничи претседателката на ДКСК, обвинителството поднесе обвинение на крајот на февруари против 31 физичко и пет правни лица во предметот „Адитив“.
Минатата година, ИРЛ објави истражувачки стории преку кои откри како службеничка од пошта без никакво искуство во хемискот бизнис им продаде на Електрани адитив неколку пати поскап од неговата вистинска пазарна вредност и како високопозиционирани лица во власта ѝ овозможиле да добие пристап до милионските тендери на ЕСМ.
Шестмина директори од АД Електрани се осомничени за перење на пари и злоупотреби при тендерски постапки во државната компанија, а штетата која е направена врз државниот буџет е проценета на 6,5 милиони евра. Во акцијата со кодно име „Адитив“ се опфатени вкупно 23 лица, а случајот го води Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.