НАСА ја објави првата слика од најдалечните галаксии како што биле пред 13 милијарди години, што е првиот производ од најмоќниот телескоп испратен во вселената досега, кој треба да помогне во нови сознанија за почетокот на Универзумот.
Малиот дел од Универзумот, наречен SMACS 0723 беше сликан во богати детали од Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ (ЏВСТ) и покажува светлина од многу различни галаксии. Американскиот претседател, Џо Бајден, кој ја откри сликата во Белата куќа, го нарече овој момент „историски“ и додаде дека тој овозможува „нов прозорец во историјата на нашиот Универзум“.
„Навистина е неверојатно. Историски момент за науката и технологијата, за Америка и за целото човештво“, рече Бајден, пренесе Гардијан.
Администраторот на НАСА, Бил Нелсон, објасни дека сликата покажува светлина од галаксиите кои се наоѓаат околу други галаксии, кои патувале милијарди години пред да допрат до телескопот.
„Гледаме повеќе од 13 милијарди години наназад“, рече тој додавајќи дека новите слики кои ќе ги објави американската вселенска агенција ќе достигнат уште подалеку, околу 13,5 милијарди години што е блиску до почетната точка на Универзумот. „Се враќаме назад речиси до почетокот“, посочи Нелсон.
На сликата можат да се видат илјадници галаксии, меѓу нив и најтемните објекти некогаш регистрирани со телескоп. Ова парче од огромниот универзум, според НАСА, за споредба претставува дел од небото со големина приближно на зрно песок кое го држи човек во рака на Земјата.
Оваа слика е најава за серијата на слики во боја со висока резолуција од ЏВСТ која НАСА ќе ги објави денеска. Според Нелсон тие ќе бидат најдлабоките слики од нашиот Универзум направени досега.
Експертите сметаат дека овој телескоп, за чија изработка беа потребни три децении и кој беше лансиран минатата година, може да направи револуција во нашето сфаќање на космосот, преку обезбедување детални инфрацрвени слики од Универзумот.
ЏВСТ, кој чинеше 10 милијарди долари, може да продре во внатрешноста на атмосферите на егзопланетите и да ги набљудува некои од најстарите галаксии во Универзумот преку систем на леќи, филтри и призми кои детектираат сигнали од инфрацрвениот спектар, кој е невидлив за човековото око.
Откривањето на првата серија слики во боја и нови податоци од Вселенскиот телескоп „Џејмс Ват“ ќе започне во 15:45 часот по македонско време. Преносот ќе можете да го следите во живо на следниов ЛИНК.