Брод натоварен со жито го напушти пристаништето во Одеса за првпат од почетокот на војната, изјави украинскиот министер за инфраструктура, јавува Скајњуз.
„Првиот брод натоварен со жито по руската агресија го напушти пристаништето“, напиша Олександр Кубраков на Твитер.
„Благодарение на поддршката од сите нашите партнерски земји и ОН, успеавме целосно да го спроведеме договорот потпишан во Истанбул“, додаде тој.
Русија и Украина во јули потпишаа договор за повторно отворање на пристаништата на Црното Море за да се обнови извозот на жито, потребно за да се ублажи растечката глобална криза со храна.
Товарниот брод „Разони“ под знамето на Сиера Леоне е натоварен со 26.000 тони пченка и го напушти пристаништето во Одеса околу 9 часот и 30 минути по локално време, за да се упати кон Либан, рече Кубраков.
Бродот ќе биде прегледан во Истанбул пред да продолжи за либански Триполи.
Prevent world famine together with @UN, @EU_Commission, #G7. The first ship left the Odesa port since 24.02.2022 pic.twitter.com/Nin8nSV8LM
— Oleksandr Kubrakov (@OlKubrakov) August 1, 2022
Русија и Украина потпишаа посебни договори со Турција и ОН со кои се отвора патот за Украина да извезе 22 милиони тони жито и други стоки кои се заглавени во пристаништата на Црното Море поради конфликтот.
Кубраков посочи дека уште 16 бродови чекаат да заминат од пристаништата во Украина преку безбедни коридори во согласност со договорите.