Суперхеројот Бетмен за првпат се појави во стрип во 1939 година. Иако тогаш децата можеле да го купат ова издание за 10 центи, колекционер 80 години подоцна мораше да плати 850 илјади долари за да си го обезбеди стрипот.
Се работи за „Детективскиот стрип“ бр.27, стрип издание во кое за првпат се појавува Брус Вејн и неговото алтер его со наметка и костум на лилјак. Според колекционерските интернет страници се проценува дека во светот се преостанати само околу 70-тина оригинални примероци од овој стрип.
Оваа продажба е втора највисока на ова издание од стрипот. Винсент Зурзоло, косопственик на „КомикКонект“, кои ја направија продажбата, вели дека изданието би можело да постигне и многу повисока цена доколку било подобро сочувано.
За споредба, еден друг примерок од истото издание, кој бил подобро зачуван, се продал за неверојатни 1,075 милиони долари во 2010 година, што претставува рекорд за стрип со Бетмен.
Кога се во прашање стриповите и понатаму рекордер во оваа област е Супермен. Примерок од „Акциските стрипови“ бр.1, каде овој суперхерој првпат се појавува во 1938 година, бил продаден за 1,5 милиони долари што е највисока цена во историјата.