Конечно го дочекавме денот на емитување на првите епизоди на The Lord of The Rings: The Rings of Power на Amazon Studios (да, токму Amazon на Џеф Безос) на Amazon Prime Video стриминг платформата. Засега има три епизоди излезено, и очекувано е под мета на критики, што поради проблеми со сценарио, што поради глума, што поради ефекти, што поради проблеми со интерпретација на светот на Толкин итн. За The Rings of Power, како и за House of the Dragon, новата серија на HBO во светот на Game of Thrones на писателот Џорџ Мартин ќе пишувам кога ќе заврши сезоната и нормално кога ќе се спушти прашината. Овој текст во својот фокус ќе ја има првата адаптација на епохалниот литературен серијал на Џон Роналд Руел Толкин. Не, не е во прашање играната филмска трилогија на Питер Џексон, туку цртаниот филм од 1979 година во продукција на United Artists и во режија на Ралф Бакши.
Ралф Бакши важи за необична sверка. Како режисер специјализиран повеќе во полето на анимираните филмови, Бакши сакал да внесе промени во еден медиум кој подолго време бил доминиран од перцепцијата дека цртаните филмови се нешта повеќе наменети за деца и помлада публика. Па така, преземајќи еден понезависен пристап преку помалку познати студија и поголема слобода во одлучување и креирање, Бакши направил неколку потреси во 70-тите со Fritz the Cat, неговото режисерско деби, цртан филм наменет за возрасна публика, исполнет со тешки политички теми, насилство и хедонизам, со многу контроверзности до таа мера што и ден денес е забранет за прикажување во некои земји, додека термините за негово прикажување во земји во кои не е забранет се полноќни. Fritz the Cat секако не е последниот возрасен цртан филм на Бакши, но во неговата импресивна кариера место имаат и неколку остварувања кои се достапни и за поширока публика, како првата адаптација на The Lord of the Rings.
Приказната во Господарот на прстените ни е горе-долу позната, ама не е на одмет да се направи неопходниот краток опис – во Средната Земја мрачниот господар Саурон има исковано еден необичен предмет – тоа е прстен на моќта преку кој ги потчинува сите кои користат соодветни прстени на моќта (има 19 такви прстени, три за Виленците, односно Елфите, седум за Џуџињата и девет за Луѓето). Со овој прстен Саурон има намера целосно да ја покори Средната Земја, но неговиот поход пропаѓа и Саурон е убиен од Изилдур, принц на кралството Гондор. За злото да биде целосно искоренето, потребно е прстенот да биде фрлен во лавата на Планината на Судбата, или Планината на Пропаста (ова е мој слободен превод за Mount Doom) и Изилдур ја има таа чест да го стори тоа… но Изилдур не го прави тоа. Прстенот има неверојатно страшна способност да ги корумпира срцата на неговите носители, да им „ветува“ исполнување на нивните желби, дури и конкретната желба да биде од благородна и добра природа. Изилдур ја плаќа таа цена со својот живот, а на прстенот му се губи секаква трага и глас. Но после многу години прстенот е повторно пронајден, а судбината на Средната Земја повторно ќе се решава.
Анимираниот Lord of the Rings не го бие добра репутација, напротив, финалната верзија се соочува со проблеми кои се тема на разни филмски критичари и есеисти до денешен ден. Вкупното времетраење на LOTR на Бакши е два часа и тринаесет минути. Во таа рамка се згуснати првите две книги од серијалот на Толкин, па за потсетување, The Fellowship of the Ring и The Two Towers заедно сочинуваат околу илјада страници, а овде не ги вклучувам предговорите, забелешките и дополнителните објаснувања на професорот Толкин. Значи лишени сме од многу елементи на експозиција, објаснувања, цели сцени на дијалози, како и откривања на поголеми детали за самата Средна Земја, различните раси, моменталните кралства и нивните односи итн. Сепак обезбеден е доволен минимум за да знаеме што се случува во филмот – прстенот е симбол на големо зло, со голема моќ, неговото паѓање во погрешни раце значи сигурен пад на расите на Луѓето, Џуџињата и Елфите, па така упростената приказна повеќе служи како една своевидна кратка презентација и реклама на богатиот свет на Толкин.
Нормално, скромноста на приказната не треба да го одвлече вниманието од другиот круцијален дел – самата анимација. Анимацијата е дводимензионална, но правена врз база на ротоскопија, односно прво се снимаат актерите и актерките, нивните гестови и движења, а потоа врз тој снимен материјал се ставаат соодветните анимации. Ова делува како интересен и несекојдневен експеримент, кој на некои места е соодветен, додека во одредени ситуации делува како да не му е местото. Можеби најдобар пример се моментите кога карактерите прават чудни гримаси кога ја вртат главата од еден во друг правец и се приметува доцнењето на спуштањето и кревањето на косата. Но, на страна ваквиот вид на недостатоци, има сегменти каде се чини дека ротоскопијата сепак била вистинскиот избор за анимација. Најголема заслуга за тоа лежи во присуството на негативците во приказната, односно Орките и Сеништата на прстенот. Посебно дизајнот на Сеништата каде секој од Деветтемина јавачи на Саурон имаат посебен костимиран дизајн и кога се појавуваат во соодветните сцени тие се полувидливи – полупроsирни, давајќи им чувство дека се една туѓа, нечовечка закана и можеби една од поретките инстанци каде цртаниот филм е подобар од играните филмови.
Иако првата филмска адаптација на Господарот на прстените завршила неславно, таа полека стекнала свој култен статус и претставувала прибежиште за читателите на книгите кои најверојано добиле подобар финален резултат од други потенцијални, но полоши реализации (во еден период Битлси сакале да направат играна верзија каде тие ќе ги толкуваат главните улоги, но за среќа ништо од ова не се остварило), привлекувајќи нови читатели на фанови, но не баш на нивото на филмовите на Питер Џексон. А и самиот Џексон признал дека кога ги правел подготовките за снимањето, тој се послужил со цртаниот филм за да извлече делови кои станале посебна инспирација за одредени сцени и послужиле како искуство за тоа како да се постави кон продукцијата. Иако The Lord of the Rings на Ралф Бакши не може да се пофали со некое попозитивно присуство во круговите на критиката и пошироката публика, не може да му се одземе влијанието што го има надвор од филмското платно и ТВ екраните – како нешто за кое и ден денес се зборува, за неостварени потенцијали, за чудни одлуки и интересни експерименти во светот на анимацијата, каде храбар и неиспробан, но неуспешен проект повеќе се памти од нешто веќе испробано и сигурно, но без страст за влегување во ризик за да се распласнат водите на веќе виденото.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.