Марио, Стефан, Ена, Матеј, Филип, Илина, Оли, Ники, Бети, Даре и Коста се дел од првиот Инклузивен градски хор, кој утре (22 октомври) во 18:30 часот на Плочник кај Соборен храм ќе го одржи својот прв концерт.
Се работи за хор на „Трисомија 21“, Здружение за поддршка на лица со Даунов синдром, создаден во соработка и менторство на Колективот „Ветерница“.
„Преку опејување на хитови од македонската народна и забавна музика ќе го разбудиме градот од попладневна дремка со детски вик за радост да му краси лик. Дојдете, запејте, исклучете се од реалноста, вклучете се во стварноста на песни в здружен фат!“, повикуваат организаторите на концертот.
Билјана Димитрова од „Ветерница“ за Радио МОФ објаснува дека хорот моментално брои 12 членови. Стартувал пред две години, но соработката со „Трисомија 21“ трае веќе четири години, период низ кој е реализирана „Шумска бајка“ – претстава што доби награда за колективна игра.
„Значи, веќе експериментираме во областа на театарот и сценските изведбени уметности. Со тоа, се интегрираме, подобруваме, се запознаваме и креираме еден професионален ансамбл, кој и понатаму ќе се занимава со сценски изведбени уметности“, раскажува Димитрова.
За време на пандемијата работеле онлајн. Кога се работи со специфичен ансамбл, вели таа, не било можно да ги спроведат сите физички активности преку видео пренос. Во нивниот случај, повеќе се потпреле на аудиото како начин на комуникација.
„Пополека ги создававме почетоците на она што подоцна го нарековме Инклузивен хор. Пеењето во тие денови навистина ни доаѓаше како еден вид издувен вентил, истовремено и подобрување на самите себеси. Интензивно пеевме, уживавме во тоа! Лека полека направивме репертоар од 12 песни, а сега можеме да се сретнеме во живо и научиме да се слушаме меѓусебно, да изведуваме во заеднички слух“, вели Димитрова.
Го нарекле Инклузивен бидејќи сакаат во хорот да припаднат сите што сакаат да пеат. Не се потпираат да бидат максимално технички точни, колку што да бидат професионални.
„Да ја пренесеме таа енергија на сцената, она што чувствуваме преку песните. Односно, таа енергија на заедништво, како што викаат децата ‘кога пееш ти е топла душата и срцето’. Па, после еден час пеење, некои потешкотии во животот ни стануваат полесни, затоа што сме поминале магични моменти!“, нагласува Димитрова.
Ансамблот, сега за сега, иако брои 12 членови, за поддршка на концертот ќе дадат и неколку членови кои дошле на минатата проба. Хорот е отворен за сите возрасти, не постои никаква категорија како предуслов за влез, освен посветеноста и професионалноста. Да се доаѓа на проби и да се вежба.
„Овој ансамбл веќе има своја видлививост, со мотив да биде и понатаму препознаен и да продолжи да се бави со сценските изведбени уметности. Односно, да го скршиме малку она правило, кое вели дека за да се бавиме со театар или музика мора да сме со завршен степен на образование. Напротив, културата и уметноста може да ги користиме како алатки за интеграција во општеството и, пред се’, подобрување на квалитетот на живот“, констатира Димитрова од Колективот „Ветерница“.
Бојан Шашевски