Првиот македонски долгометражен анимиран филм, „Јон Вардар против галаксијата“ од петок во киносалите

Од 1 ноември, првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ ќе почне да се прикажува во „Синеплекс“ и во „Киноверзум“.

„Јон Вардар против галаксијата“ е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу вонземјани кои се на мисија да ја спасат галаксијата од самите себеси.

Режијата е на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.

Филмот е изработен со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.

„Јон Вардар против галаксијата“ досега беше прикажан на фестивалите „Ситџес“ во Шпанија, „Киненова“ во Македонија и „Мостра Сао Паоло“ во Бразил.

Билетите во „Синеплекс“ се пуштени во продажба а наскоро ќе се прикажува и низ цела Македонија.