„Јон Вардар против галаксијата” – првиот македонски долгометражен анимиран филм, влезе во најдобрите филмски остварувања на светот.
Филмот во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио” ќе ја има својата светска премиера во Шпанија, на 57-мото издание на „Ситџес фантастик филм фестивал” – еден од најстарите и најзначајни жанровски фестивали во светот. Ќе се прикажува на 5 и 11 октомври.
„Бидејќи жанрот не познава возраст, фестивалот во Ситџес повторно ќе ги прикаже моментално најфасцинантните фамилијарни проекти од светот. Меѓу селектираните филмови годинава го откривме ‘Јон Вардар против Галаксијата’ на Гоце Цветановски, првиот анимиран филм во историјата на Северна Македонија“, велат организаторите на фестивалот.
Режисерот Цветановски изјави дека да се биде избран меѓу најдобрите фантастични филмови наменети за семејната публика на глобално ниво е голема чест.
„Огромен успех е што светската премиера на Јон Вардар ќе се одржи на престижен фестивал од овој калибар, и очекувам да продолжи со уште многу други успешни прикажувања низ целиот свет. Филмот е селектиран на уште еден голем филмски фестивал што ќе се одржи годинава, а деталите ќе бидат споделени наскоро“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Скорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димовски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.
Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.