Во Струга, од 11 до 13 април 2017 година, „Ангеловски Фотографија“ од Македонија и „Грег Момент Фотографија“ од Полска ќе бидат организатори и домаќини на тридневен едукативен и изложбен настан посветен на свадбена и портрет-фотографија, а збогатен со содржини од областите на видеопродукција, како и модната, уличната и новинарската фотографија.
Преку Првиот меѓународен самит за фотографија и видеографија, Македонија конечно ќе се појави на мапата на светски реномирани случувања во светот на овие дигитални уметности и бизниси.
За време на тридневниот Самит, учесниците ќе имаат можност да следат предавања и работилници од врвни, меѓународно признати и докажани професионалци, практичари и теоретичари.
Своите совети, искуства и пристапи ќе ги споделат Грег Момент (Полска) и Дејвид Бренот (Франција) во делот на свадбена фотографија, Димитри Усанин (Русија) во делот на свадбена и семејна фотографија, Серџо Дуарте (Португалија) и Бојан Митковски (Македонија) во делот на кинематографијата, Роџер Тан (Малезија) во делот на свадбена и портрет-фотографија, Ани и Дими (Македонија) во делот на портрет и модна фотографија, Томислав Георгиев (Македонија) во делот на улична фотографија и Роберт Атанасовски (Македонија) во делот на новинарска фотоографија. „Туркиш Ерлајнс“ е официјалниот и главниот превозник на говорниците.
На учесниците ќе им бидат презентирани најновите технолошки и дигитални производи и достигнувања, претставени од компаниите и партнерите кои ја помагаат реализацијата на Самитот: Pix+, I-Style, Wacom, Nikon, Canon, Sony, Sigma, Smart Solution, Inter Foto, Polyesterday.
Самитот ќе заврши со натпревар по фотографија на кој учесниците ќе можат да ги пријават и изложат своите фотографии кои ќе бидат оценувани од стручно жири, составено од говорниците и презентерите на настанот.
Влезниците за учество се веќе во продажба по промотивна, пониска цена која ќе биде достапна до 20-ти март.
„Ангеловски Фотографија“ и „Грег Момент Фотографија“ ги повикуваат сите професионални, полупрофесионалци, аматери и почетници, фотографи и видеографи од Македонија и регионот да бидат дел од настанот и да помогнат да прерасне во традиционална платформа за вмрежување и споделување знаења, техники и искуства.