Од 18 до 20 мај, Битола ќе биде домаќин на првото издание на фестивалот Jazz Factory. Главната програма ќе се одвива на терасата пред офицерскиот дом, а оф-програмата и работилниците ќе се одвиваат во кафе-барот „Камарите“, кафе бар Порта џез, мезе бар Јагода и винарија Чифлик.
Идејата потекнува од 2011 година кога џез-музичарот и шефот на катедрата на џез-студии на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Сашо Поповски, ги започна џез-работилниците „Џез-фактори“, проект кој заврши во 2012 со џез-концерт, а кој минатата година во соработка со МКЦ се одвиваше во општина Могила со 4 работилници. Со текот на времето оваа идеја се развива и тој едукативен центар прераснува во џез-фестивал кој оваа година ќе се одржи првото издание. Фестивалот е во заедничка соработка со центарот за културна деконтаминација од Битола.
Првото издание носи реномирани светски имиња од џез-сцената, пред сè специјалниот гостин кој доаѓа од Барселона, Душан Јевтовиќ. Тој ќе настапи со неговото трио во кое членува реномираниот Васил Хаџиманов, како и тапанар од Израел кој живее во Лондон- Асаф Сиркиз. Неговиот последен албум „No Аnswer“ е на трето место за најслушан џез-албум на светските листи.
Втората вечер на фестивалот ќе настапат два македонски бендови – „Сашо Поповски трио“ и „Фирс“, кои ќе изведат дел од нивниот прв албум и дел од новиот материјал кој веќе го снимаат. Сашо Поповски е џез-музичар од четвртата генерација македонски уметници, професор на музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип – џез-оддел, композитор и педагог со главен инструмент на гитара. Современиот џез со елементи на традиционална македонска музика ја прави неговата музика уникатен и добро познат учесник на музички сцени во Европа.
Фестивалот ќе го затвори Тони Китановски со неговиот бенд. Дел од ова трио е и Иван Бејков. кој е основач и композитор во проектот „Злуст“. Професионален музичар, работел како басист со „Архангел“, Влатко Стефановски, „Мугер фугер“,„Д.Н.О.О“, Квинтетот на Грег Хопкинс, Дамо Сузуки, Кирил Џајковски итн… Пишува оригинална музика за филмовите: „Волшебна магија лек“, „Како излажав светец“, „Деца од 1948 година“ итн… Моментално работи во проектот „Злуст“, Тони Китановски и „Черкези“, тријада „Караванија“, итн… Професор на Универзитетот „Гоце Делчев“, Академија за музика – Штип. Контрабасист во оркестарот на ММЕ на Македонската национална радио и телевизија.
Покрај него, тука е и Виктор Филиповски, претставник на најмладата генерација џез-музичари во Македонија, основач на бендот „Фирс“, соработува со најголемите џез имиња на Балканот. Неговиот автентичен пристап во свирењето на тапаните допринесва за негова константна присутност на џез-сцената како и големиот број на аудио материјали кои ги остава зад себе. Моментално е најмлад предавач на џез-одделот при УГД Штип и добитник на наградата најдобар млад музичар „Златен орикс“.
Оф-програмата ќе биде комплетно во реализација на студентите на џез-катедрата од Универзитетот во Штип.
Фестивалот ќе се одвива со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
Работилниците ќе ги одржат Душан Јевтовиќ, Васил Хаџиманов, Асаф Сиркиз и Тони Китановски, а како дел од програмата е предвидена и дебата.