Македонските писатели и поети Стефан Марковски, Санде Стојчевски и Марина Мијаковска ќе учествуваат на првото одбележување на Денот на европските автори во рамките на македонската литература.
Настанот годинава ќе се случи на 25 март (понеделник) во 40 земји кои се дел од програмата „Креативна Европа“ во организација на најголемата европска писателска федерација – Европскиот писателски совет.
Во склоп на одбележувањето се предвидени литературни читања, предавања и книжевни разговори во средните училишта ширум Европа.
Марковски, Стојчевски и Мијаковска ќе го одбележат Денот на европските автори во средните училишта СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија и СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, во присуство на ученици и нивни професори по македонски јазик и литература.
Во рамки на одбележувањето македонските писатели ќе читаат извадоци од своите дела „Светлината во нашите вени“ (Марковски), „Нè чека пат“ (Стојчевски), како и „Коскена“, „Постела на тишината“ и „Тиркиз во лето“ (Мијаковска).
Инаку, Друштвото на писателите на Македонија е член на Европскиот писателски совет од минатата година.