Македонски тим составен од петмина средношколци, предводени од Станиша Вељковиќ, професор по физика во ПСУ „Јахја Кемал“ – Автокоманда, од 27 јули до 5 август учествуваше на Меѓународната олимпијада по астрономија и астрофизика (МОАА) која се одржа во грчкиот град Волос. Ова е прво учество на Македонија на овие собири, кои се организираат од 2007 година.
Македонскиот тим постигнал солидни резултати, а еден од учесниците Филип Симески, ја освои втората најдобра пофалница на олимпијадата, со тоа одбранувајќи ги боите на Македонија уште на нашето прво учество на овој престижен настан, информира Скопското астрономско друштво.
Покрај Симески, македонскиот тим беше во состав: Дејан Максимовски (Штип), Андреј Симески (Скопје), Глигор Дучев (Гевгелија) и Фросина Панчева (Струмица). Овие средношколци беа победници на Државниот натпревар по астрономија, кој во организација на Македонското астрономско друштво и Институтот по физика при Природно-математичкиот факултет се одржа во март оваа година.
Следната Меѓународна олимпијада по астрономија и астрофизика ќе се одржи во 2014 во Романија.
Извор: astronomija.com.mk