Филмот „Луѓе без земја“, кој ја обработува приказната за Вера Фотева, една од најинтригантните женски фигури во македонската револуционерна историја, ќе биде прикажан во петок, 1 мај, во 20.10 часот на „Телма“.
Филмот е во режија на Марко Ѓоковиќ, работен по сценарио на Атанас Кировски и во продукција на Сашо Пешев и Кировски.
Во „Луѓе во земја“, револуционерката Фотева чие вистинско име е Евдокија Балева го дава своето последно сведоштво за филмската екипа, пред да почине во 2011.
Својата драматична животна приказна, Фотева ја раскажува низ сеќавањата за импликациите од судирот меѓу Тито и Сталин врз македонското движење за време на Граѓанската војна во Грција.
Филмот ги прикажува нејзините животни предизвици и борби за време на конфликтот, голготата низ која минала во логорите во Албанија и гулазите во Сибир, како и престојот во московските затвори Лефортовскаја Тјурма и Лубјанка.
Покрај автентичните, лични сведоштва на хероината од НОБ, филмот е надополнет и со игран дел во кој актерката Верица Недевска ја портретира Фотева, додека во другите улоги се појавуваат Емил Рубен, Милан Тоциновски, Горан Трифуновски, Наџи Шабан, Димитар Доксевски, Гоце Влахов и Марина Поп Панкова.
Овој 60-минутен проект за првпат беше прикажан на Интернационалниот фестивал на европски филм „Синедејс“.