Откако две нејзини деца починале од ретка болест, а имала и четири спонтани абортуси, жена роди машко бебе кое има три родители, откако револуционерно медицинско истражување се потврди успешно.
Момчето сега има шест месеци, а било зачнато со користење на контроверзен третман за плодност, наменет за да им помогне на луѓето кои носат гени за ретки болести да имаат деца. Болеста во овој случај е синдромот Ли, ретко невролошко пореметување кое најчесто доведува до смрт. Мајката е носител на ретката болест, и иако таа е здрава, ДНК-та содржи ген кој подоцна е пренесен на нејзините деца.
Синдромот Ли вообичаено има брз прогрес и води до генерална слабост на организмот, недостаток од мускулна сила, и преголемо лачење на млечна киселина во телото кое предизвикува проблеми со бубрезите и респираторниот систем. Децата кои се болни од оваа болест ретко живеат повеќе од шест или седум години. Првото дете кое мајката го изгубила имало шест години, а второто само осум месеци.
Брачниот пар побарал помош од д-р Џон Женг, репродуктивен ендокринолог во New Hope центарот за плодност во Њујорк. Женг ги советувал да волонтираат за операцијата која доби огромно медиумско внимание минатата година, откако британските законодавци беа први кои го одобрија зафатот. Операцијата е се уште забранета во САД, што довело до тоа Женг и неговиот тим да ја извршат во Мексико, каде нема закони кои ја забрануваат.
Наречен „нуклеарен трансфер“, зафатот претставува отстранување на здраво јадро од јајце клетката на мајката и пренесување на истото на донаторска јајце клетка со отстрането јадро. Производ на тоа е нуклеарна ДНК од мајката и ДНК од митохондријата од донаторката. Потоа, јајце клетката е оплодена со сперма од таткото, со што во бебето има ДНК од три различни родители, мајката, донаторката на јајце клетка, и таткото.
Научниците создале пет ембриони со овој генетски материјал, од кои еден се развил нормално. Со ин витро, ембрионот бил пренесен во матката на мајката, а бебето е родено по природен пат.
„Ова е прв пат во историјата на човечката репродукција потомок да биде создаден од тројца родители – еден сперматозоид и различни делови од две јајце клетки“, изјавил Женг.
Бебето досега нема покажано знаци на болеста. Докторите велат дека помалку од еден процент во неговите клетки се уште ја содржат мутацијата, но тој број е пренизок за да се претвори во болест.