Четвртата генерација на конзолата за видеоигри на јапонскиот производител Sony, Playstation 4 ќе се продава по цена од 400 евра во Европа, објави компанијата претставувајќи го PS4 на „Electronic Entertainment Expo“ во Лос Анџелес. Покрај ова, Sony објави и дека нема да се бара апдејтирање на конзолата, а корисниците ќе можат да ги играат и разменуваат старите купени игри, без рестрикции. Одделот за видеоигри на Sony објави дека се развиваат вкупно 140 игри за PS4, од кои 100 ќе бидат објавени во првата година.
Во исто време, главниот конкурент на Sony, Microsoft објави дека новиот производ, Xbox One, ќе чини за 100 долари повеќе од PS4, a остануваат и рестрикциите, односно една игра е наменета само за еден играч. Сепак, треба да се напомене дека заедно со Xbox One ќе се испорачува и сензорот „Kinect“, додека за сличниот „Eye“ на Sony ќе се доплаќа околу 45 долари.
Аналитичарите сметаат дека големата разлика во цената нема да значи многу на краток рок, затоа што понудата на првите серии најчесто е многу ограничена, а нив ги купуваат „хардор“- гејмерите. Сепак, по шест месеци оваа разлика во цената може да биде многу важна и Microsoft веројатно ќе мора да понуди пониска цена, велат познавачите.