„По ова што се покажува од содржините во Јавна соба, сакам да ги информирам сите жртви средношколки дека можат да ми се обратат за психолошка помош. Ќе направиме мрежа на поддршка!“
По ова што се покажува од содржините во Јавна соба, сакам да ги информирам сите жртви средношколки дека можат да ми се обратат за психолошка помош.
Ќе направиме мрежа на поддршка!
Ве молам споделете!Posted by Ana Poprizova on Wednesday, January 27, 2021
Со оваа порака психологот Ана Попризова ги повика девојчињата чии слики се споделуваа во новата група Јавна соба на Телеграм, да и пишат и да поразговараат со неа, затоа што целата ситуација носи голем психолошки товар за младите луѓе. Во групата која беше откриена пред два дена, повеќе од 5000 членови, повторно коментираа и споделуваат повеќе или помалку експлицитни фотографии, профили од социјални мрежи, адреси и телефонски броеви од девојки, меѓу кои и малолетнички.
„Тука се работи и за девојчиња од 14 години. Кога ги прочитав тие текстови останав без зборови. Размислував, што би направил еден средношколец кога ќе се најде во ваква ситуација. Дел од нив можеби живеат и во помали средини, каде притисокот е уште поголем. Затоа го пуштив овој повик, без конкретен план што понатаму, но она што јас и моите колеги може да го понудиме е психолошката помош која е неопходна во овој случај. Доколку е потребно, ќе се консултураме и со правници, за и тука да помогнеме“, вели Попризова за Радио МОФ.
Таа посочува дека зависно од потребите на средношколците-жртви на Јавна соба, ќе се договараат како да комуницираат, дали во живо или преку социјалните мрежи. Попризова вели дека сите можности се отворени, но младите во никој случај не смеат да бидат оставени сами да се борат со овој товар. Целата помош ќе биде бесплатна.
„Повикот го пуштив вчера, морав да направам нешто. Во овој момент се нема пријавено ниту еден среднокошколец, што потврдува дека на децата им е срам да зборуваат. Доволно е само да ми пишат порака на месинџер, па ќе се договориме како да комуницираме. Ако немаат услови да зборуваат, ќе се допишуваме, ќе најдеме начин, ќе најдеме и психолози во нивната средина“, децидна е Попризова.
Ана Попризова е психолог и Гешталт терапевт. Над 20 години работи во средно училиште како професор по психологија и училиштен психолог. Претседателка е на Активот на стручни соработници на средните училишта на Град Скопје. Посебен интерес покажува за психологијата на адолесцентите и ги познава нивните особини, период на развој и предизвиците со кои се соочуваат во образовниот процес и пошироко.
Во текот на својата работна кариера е посветена на унапредување на добросостојбата на младите луѓе и активно работи на дестигматизирање на темите како насилство во училиште, булинг, родово засновано насилство и сексуално образование во пошироката општествена заедница.
View this post on Instagram