„Канал 103“ на 20 ноември (среда) од 21 часот во „Котур“ најавува целовечерeн концертен ритуал заедно со „Psychedelic Trips Тo Death“ (Солун) и Will Discuss (Скопје)
„Psychedelic Trips Тo Death“ се енергичен пост-панк/ноиз бенд кој доаѓа од Солун. Формирани се во 2010 година и се едни од предводниците на солунската алтернативна сцена. Нивниот мрачен и дистописки звук вградува елементи на психоделичен рок, индастриал и експериментална електроника.
„Со беспрекорна напнатост, од метрономските пулсации на воведните тактови, преку заканувачките вокали до цврстите бас линии, тие создаваат френетични и параноични звучни пејзажи кои влегуваат под кожата. Подгответе се за патување низ тежок дисторзиран звук, синтови и дебел слој реверб и фидбек. Саундтрак за распаѓањето на светот со стробоскоп на крајот од тунелот“, се вели во најавата за настанот.
Како локална поддршка ќе настапат „Will Discuss“ од Скопје.
„Се работи за отворен колаборативен проект на Тодор Караколев (електроника, вокал), овојпат заедно со Кристијан Савиќ (гитара). Во спонтана музичка (де)компресија тие создаваат психоделична музика за танц. Нивниот деби албум излегува наскоро во издание на Стотројка“, стои во најавата.
Билетите по цена од 200 денари (во претпродажба) и 300 денари на врата се во ограничен број и достапни во „Котур“.