Во почетокот беше зборот, го нема хорот, може и без него, но без зборот нема пород, само непостоење и заборав и мрак со атак, зборот е капак… Вака започнува песната „Зборот“ на култниот македонски бенд „Мозаик“, чии стихови „Јазикот е медиум за објава на душата… Идентитет, ентитет се сведе на корнет“, можеби најдобро ја опишуваат состојбата со македонскиот јазик во последниве два дена.
Како дел од одбележувањето на Денот на македонскиот јазик – 5 мај и стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, во просториите на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, беше промовирана веб-платформата www.makedonski.gov.mk – дигитална верзија на Толковниот речник на македонски јазик.
Но, веднаш по пуштањето во употреба на дигиталната верзија на Толковниот речник, стигнаа реакции од граѓански здруженија за тоа дека во речникот има навредливи термини кон ромската заедница, па од Владата истакнаа дека од дигиталната верзија на речникот ќе бидат повлечени навредливите термини. Така вчера попладне од дигиталната верзија на речникот го снема зборот „циганче“ и изведенките од него.
Наместо наука, мир во куќа
Во кус телефонски разговор, раководителката на електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик, професорката Снежана Велковска за Радио МОФ изјави дека повлекувањето на зборовите е за „мир во куќа“.
„Зборовите беа повлечени од Владата, тие што ги повлекоа, тие нека ви кажат. Зборот го има во сите можни речници. Тоа е политичка одлука, нема врска со наука. Зборовите беа повлечени за мир во куќа“, истакна таа.
Велковска е научен советник и дел од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, коишто се единствено стручни и имаат надлежност за содржината на речникот.
Тоа го признаваат и од Владата, од каде пак тврдат дека токму Институтот за македонски јазик ја информирал Владата дека ги разбира реакциите на ромската заедница и дека зборовите со навредливо толкување ќе бидат отстранети од Толковниот речник на македонскиот јазик.
„Ваквата согласност ја постигнале лингвистите. Од страна на стручниот тим на речникот во Институтот за македонски јазик веднаш беше покажано разбирање откако претставници на Владата и на Министерството за образование и наука стапија во контакт со редакцијата на Толковниот речник на македонскиот јазик“, тврдат од Владата.
Оттаму нагласуваат дека од редакцијата на „Толковниот речник на македонскиот јазик“ од Институтот за македонски јазик информирале дека стручниот тим во наредниот период ќе изврши ревизија на лексемите во речникот и ќе следува процес низ кој зборовите во речникот ќе се толкуваат соодветно според современиот лингвистички и општествен контекст.
„Низ овој пример сведочиме учество на граѓаните во унапредување на јазикот како жива материја и негово негување и од социо-лингвистички аспект согласно современите општествени текови и вредности“, велат од Владата, притоа надополнувајќи за нашите прашања од стручен лингвистички аспект да се обратиме до Институтот.
Орвел 2021
Лекторката и професорка по македонски јазик, Татјана Б. Ефтимоска, вели дека постои случај на отфрлање на зборови од речник – во Орвеловата „1984“, кога се прави новоговорот.
„Само во култниот роман на Орвел има една одлична работа, на која нам досега не ни текнало. Кога ќе се избрише непријатниот збор од речникот, луѓето треба и да го заборават. Да не им текнува дека воопшто постоел“, истакнува таа.
„Под толковен речник на еден јазик се подразбира целокупниот запишан фонд зборови во јазикот, со аналитички објаснувања за зборовите, давање синоними и примери за употреба на зборот, како и со назнака за тоа дали е зборот стандарден, дијалектен, разговорен, вулгарен, архаичен, пејоративен односно подбивен или навредлив. Речникот на еден јазик е, всушност, најдемократската работа на светот затоа што во него влегуваат сите зборови, без исклучок, коишто ја нашле својата употреба меѓу говорителите во каква било говорна ситуација“, нагласува професорката.
Taa се надоврзува дека „небиднина“ е збор на Ацо Шопов, додека „црнила“ е збор на Коле Чашуле, зборови кои постојат во Толковниот речник на македонски јазик а пред авторите не постоеле.
Меѓутоа со постапката на отфрлање на зборовите, истакнува таа, на фондот на зборови нема да му фали влакно од главата.
„Само правите циркус од себе како институција или како страна, како што се направи деновиве, и покажувате колку е далечен поимот наука и научен пристап од кругови што се подготвени да „хлорираат“ во името на некаква добра волја. На речникот на македонскиот јазик не му се прави никаква штета со отфрлањето на навредливите зборови, бидејќи е тоа неможно. Зборовите постојат или постоеле. Вистинската штета е во тоа што вие, како институција што го изработува овој запишан, објавен, дигитализиран фонд зборови не ги толкувате прецизно зборовите и нивната употреба, не ги зафаќате нештата темелно и длабински туку ги правите наменски, пребрзо и надве-натри, па со тоа дозволувате во сета таа мешаница дополнително својот зачин да го стави и дневната политика“, концизна е Ефтимоска.
Ефтимоска истакнува дека навредливите термини, едноставно, треба соодветно да се објаснат и да се назначат „пејоративно“, односно како „навредлив збор, додавајќи дека во речниците нема простор за да се елаборира зошто и како, тој е само список на зборови.
„Отфрлањето навредливи зборови, за среќа, не влијае никако врз естетскиот критериум за книжевната вредност на некои дела, дури ни врз нивната општествено-културна вредност во определен контекст. Тоа зборува само колку ние, како општество, сме неуки и недоволно свесни, самосвесни и подготвени за да различиме факти од емоции. Во една такво општество, дневната политика одлучува и што ќе имаме за ручек денес“, вели Ефтимоска, посочувајќи на песната на Гане Тодоровски „Шетајќи низ Топаана“, но и на збирката на Фредерико Гарсија Лорка – „Цигански романсеро.
Професорката Ефтимоска истакнува дека бришењето на зборовите од официјалното дигитално издание на Речникот на македонскиот јазик не само што нема да „помогне“, туку и ќе ја засили вкоренетоста на таквата употреба, барем привремено, како еден вид отпор кон цензурата.
Чинот на исфрлање е чин на цензура
Емил Ниами, доктор на филолошки науки, во својата јавна реакција, вели дека во лексикографските изданија, особено кога станува збор за толковен речник, се одбележуваат сите лексеми кои постојат во јазикот, без оглед на тоа дали се во активна или во пасивна употреба, дали се архаизми, историзми, во кој стилски пласт се употребуваат итн.
„Одредниците „циганчи се“, „циганштија“ и „циганштилак“, на кои реагираа одредени здруженија, во речникот се проследени со скратениците „разг.“ и „пејор.“, односно разговорно и пејоратив, со што јасно се определува сегментот на нивната употреба. На овие одредници, како што може да се прочита во медиумите, како непожелни се додадени и други, за кои се бара да бидат исфрлени од речникот. Одредницата „курва“ е исто така проследена со скратениците „разг.“ и „пејор.“, одредницата „педер“ со „разг“ и „грубо“, одредницата „педераст“ со „грубо“ итн“, објаснува тој.
Тој нагласува дека фактот што определени зборови не се општоприфатливи во секојдневната комуникација, не значи дека не постојат и не значи дека не треба да бидат опишани во едно вакво лексикографско издание.
„Чинот на исфрлање е чин на цензура, која е категорија забранета со Уставот, згора на тоа што станува збор за сериозен научен и лексикографски труд. На ваквиот „лов на вештерки“, може да се очекува да почнеме од речниците да ги исфрламе зборовите „кур“ и „пичка“ проследени со скратеницата „вулг“, односно вулгарно, како и многу други лексеми, кои во секојдневниот говор може да им се чинат навредливи на одредена група говорители“, продолжува Ниами.
Тој дополнува дека треба да се има на ум дека едно вакво лексикографско издание не претставува прирачник за (не)употреба на зборовите, ами дава опис на нивните значења кои се одбележани во определени контексти – најчесто во литературата, но и во публицистиката.
„Доколку продолжи ваквата практика, со право ќе сметам дека тоа е кршење на начелото за професионалност и на научната етика, што може да доведе и до анатемисување на научниците, па и нивно палење на клада. Земјата е тркалезна, гравитацијата постои, постојат и соодветните лексеми во јазикот. Воедно ги охрабрувам моите колеги кои се автори на овие одредници да не попуштаат и да се спротивстават на ваквиот чин на обесценување на нивниот труд“, истакнува научникот Ниами.
Ивана Смилевска