Во рамки на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, „ЛезФем“ и „Тиииит! Инк.“ организираат дружење и работилница со Марта Шушак и Мима Симиќ.
Утре, среда, 11 мај во Комитет со почеток во 18 часот ќе се одржи работилница за политиките и задоволствата на полиаморијата.
„Мима и Марта се веројатно најпознатиот хрватски лезбејски пар, не затоа што нема други, туку и заради нивниот активизам и општествена ангажираност. Страсно верувајќи дека личното е политичко, а дека политичкото е секси, тие во последните шест години го истражуваат просторот на немоногамијата како политичко и лично игралиште“, велат организаторите.
Оттаму додаваат дека на работилницата ќе се разговара за големиот потенцијал на квир немоногамниот живот – од теорија до практика и назад.
Тие ќе споделат совети за тоа како да се справите со љубомората, апликациите во дејтинг светот, животот со повеќе девојки и две геријатриски мачки.
Марта Шушак ја основаше првата студентска LGBTIQ+ иницијатива во Хрватска, преку којашто активно делуваше во феминистичките, квир групите и групите за правата на животните. Нејзината страст за феминистичко порно ја води да студира во Берлин, каде што ја истражува темата во теорија и пракса, а во моментот работи на тоа да стане секс-терапевтка за парови.
Мима Симиќ е писателка, филмска критичарка, преведувачка, политичка активистка. Веќе две децении Мима се занимава со најчесто популарни медиуми за да ја разбие хетеропатријархалната матрица аутирајќи се на најнеочекуваните места. Дел од повозбудливите вакви потфати се и подигање на лезбејската видливост на квиз-шоуа, емисии за готвење, женски списанија, како и трчање/возење велосипед за Европскиот парламент. На 13ти мај. Симиќ ќе гостува во Скопје на „ПичПрич“ Гала вечер на раскажување женски приказни на тема „Цепки“.