Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена Порта“ отвори повик за учество на обуката за новинари и студенти по новинарство на тема „Откривање на екстремизмот: Зајакнување на улогата на новинарството во борбата против насилните наративи“.
Станува збор за еднодневна обука која ќе може да се проследи на 12 или на 13 септември, а сите заинтересирани треба да го пополнат формуларот за присуство со посакуваниот датум.
Ментори на обуката ќе бидат Билјана Бејкова, Огнен Јанески и Весна Попоска.
„Младите и идните новинари да стекнат основно знаење и разбирање за различните форми на екстремизам и нивното влијание врз општеството, како и да се запознаат со основните етички и одговорни практики, и вештини за покривање и известување на оваа сложена и чувствителна тема“, велат од „Отворена порта“ за целта на обуката.
Заинтересираните преку присуството ќе можат да дознаат што претставува екстремизмот и како да се препознае (форми на екстремизам, сродни феномени и појави, мотивација, влијание, опасности, последици), а ќе бидат и воведени во основните етички и професионални стандарди и практики на известување за екстремизам, и други сродни феномени и појави.
За дополнителни прашања, контактирајте го мејлот edis.kesasi@gmail.com.
Обуката се одржува во рамките на проектот „Градиме резистентни и инклузивни заедници“ финансиран од Фондот за зајакнување и отпорност на глобалната заедница (GCERF) и имплементиран од конзорциум на организации: Македонско здружение на млади правници (MYLA) и неговите партнери: Отворена Порта/La Strada, Центар за заедничка основа (ЦЗО) и Центар за толеранција и долговечно учење (ЦТЛУ).