Од 28 октомври до 2 ноември КСП Центар Јадро, организира работилница за партиципативна уметност со визуелната уметница Андреја Кулунчиќ.
Како што најавуваат организаторите на работилницата ќе се разговара и работи во насока на разбирање на општествено ангажираната практика како медиум за создавање на уметничко дело. Ќе се лоцираат невралгичните точки во современиот општествен живот како потенцијални теми за креација на уметнички дела како и изнаоѓање на медиуми за соодветна социјална практика за создавање на делата, а ќе се разговара за употребата на медиумите кои директно му се обраќаат на гледачот без користење на галериите како посредници, на пример, присвојувањето на медиумскиот простор за уметничка работа како што се весниците, билбордите и “city light” постерите, уличните акции, колаборативните проекти, интернетот итн.
Работилницата ќе се фокусира на разработката на идеите на учесниците.
За кого е наменета работилницата?
- Работилницата е наменета за сите мотивирани, локални визуелни уметници кои сакаат да ги зголемат своите знаења и вештини во областа на социјално ангажираната уметност
- Работилницата е наменета и за сите мотивирани, локални уметници од разни уметнички дисциплини кои сакаат да ги зголемат своите знаења и вештини во областа на социјално ангажираната уметност
- Работилницата е наменета за антрополози, филозофи и социолози кои сакаат да ги зголемат своите знаења за социјално ангажираната уметност и кои што преку ова искуство би влегле во понатамошни заеднички проекти со уметници
- Работилницата е наменета за сите кои сакаат да научат како да ја аплицираат својата уметност надвор од музеите и галериите
- Работилницата е наменета за возрасни, над 23 години.
Сите заинтересирани можат да се пријават на следниов ЛИНК.
Андреја Кулунчиќ е визуелна уметница која ги доведува во прашање различните аспекти на општествените односи и општествената практика во нејзините дела. Таа е заинтересирана за општествено ангажирани теми, соочувањето со различни публики и соработка во колективни проекти. Низ своите проекти воспоставува свои интердисциплинарни мрежи, доживувајќи ја уметничката работа како истражување, процес на соработка (ко-креација) и самоорганизација. Честопати бара публиката активно да соработува и да го „заврши“ делото. Во процесот на создавање на делата често го користи мултидисциплинарниот пристап, во кој специфичните уметнички вештини се надополнуваат со комплементарни вештини од други области. Учествувала на важни меѓународни изложби како што се: Documenta11 (Касел, Германија), Manifesta4 (Франкфурт/Мајна, Германија), 8-то Истанбулско биенале (Турција), Американскиот ефект (Музејот на американската уметност Витни, Њујорк), 10-то триенале на Индија, Биенале во Ливерпул (Велика Британија), Ден на трудот (П.С.1, Њујорк). Живее во Загреб, каде што предава на Академијата за ликовни уметности, насока Нови медиуми.
Работилницата се реализира во рамки на проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици 2“ финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Повеќе информации може да најдете на следниов ЛИНК.