Националната Галерија на Македонија секоја недела од 11 до 12:30 часот обезбеди простор за ликовни работилници во просториите на Даут Пашин Амам, по повод изложбата – јубилејното одбележување на 90 години од раѓањето на Петар Мазев, еден од најистакнатите претставници на македонското современо сликарство.
„Ликовните работилници ќе бидат наменети за деца (7-14 годишна возраст). Во нивните рамки ќе бидат опфатени разни едукативни активности во областа на сликарството и цртежот и тоа инспирирани од изложбата на Петар Мазев. Истите ќе бидат прилагодени да одговараат на различна возраст, способности и интереси на децата кои ќе учествуваат во нив“, соопштија од Националната Галерија на Македонија.
Работилниците ќе бидат одржани од уметницата со долгогодишно искуство во работа со деца, Шќипе Мехмети.
Во текот на креативните работилници децата може да ги реализираат своите идеи во пракса: експериментираат со бои, форми и материјали, прскање и печатење, цртање илустрации или изработка на колаж.
„Иако работилниците ќе се стремат да ги учат децата сликарските вештини и љубовта кон уметноста најважно е сепак експериментирањето и забавувањето со уметноста“, велат од Галеријата.