Во Владата, вчера попладне, се одржа вториот состанок на „Работна група за подготовка на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот”.
„На вториот состанок, Работната група усвои дефиниции за поимите декриминализација, легализација и депенализација по однос на статусот на употреба на канабисот, кои ќе се користат за подобро разбирање на степените на дозволена употреба на канабис низ работните процеси во институциите, како и за информирање и едукација на широката јавност за различните аспекти на употреба на канабисот“, соопштуваат од Владата.
ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА НА УПОТРЕБАТА НА КАНАБИС подразбира елиминирање на кривичните дела поврзани со употреба на канабис и поседување на канабис за лична употреба. Декриминализацијата значи преместување на фокусот на политиките од полициско – судскиот систем кон здравствено – социјалниот систем.
„Ваквата рамка креира поддржувачки контекст и средина за потребните јавно – здравствени и социјални интервенции за луѓето кои употребуваат канабис и минимизирање на негативните последици од кривичното гонење заради поседување и употреба на канабис“, соопштуваат од Влада.
ДЕПЕНАЛИЗАЦИЈА НА УПОТРЕБАТА НА КАНАБИС се однесува на ситуација во која постои кривична или прекршочна одредба, но преку воспоставената пракса институциите применуваат поблага санкција, опомена, предупредување или друга слична административна мерка или го одлагаат казнувањето.
ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА УПОТРЕБА НА КАНАБИС претставува регулирање на околностите во кои употребата на канабис нема да се смета за казниво дело, односно утврдување на критериумите под кои може да се произведува, набавува, продава и користи канабисот.
„Легализацијата го опфаќа регулирањето на производството, преработката, продажбата и поседување на канабис за лична употреба; употребата на канабис за медицински цели и регулирање на моделот преку кој ќе се спроведува легализацијата“, велат од Владата.
Работната група донесе заклучок за изработка на компаративна анализа на моделите во 10 различни земји од регионот, Европа и светот по однос на статусот на употреба на канабисот и тоа во Португалија, Холандија, Чешка, Шпанија, Канада, Колорадо (САД), Калифорнија (САД), Израел, Хрватска и Албанија.
Компаративната анализа треба да обезбеди темелен преглед на политиките за канабис во 10-те земји, согласно повеќе критериуми за законската одредба за употреба, поседување и производство, за примена на законите, позитивни и негативни примери, потоа за социјалните програмите за ресоцијализација, вработување и слично, анализи за исплатливост на модели, бенефити од економски аспект…
„Работната група на состанокот утврди насоки и одговорни засегнати страни за подготовка на сеопфатно, јавно и едукативно информирање на широката јавност за сите аспекти од употребата на билката канабис, како и обезбедување целосно инклузивен процес на консултација со сите засегнати и заинтересирани страни. За реализација на ваквата јавна, информативна и едукативна кампања ќе биде побарана поддршка од бизнис секторот и од сите општествени чинители кои ги поддржуват зелените политики“, соопштуваат од Влада.
Инаку, во Работната група за канабис учествуваат претставници од министерствата за здравство, правда и внатрешни работи и од кабинетот на премиерот.
Исто така, од Здруженијата на токсиколози, на педијатри, Факултетско студентско собрание при Фармацевтски факултет, Хелсиншкиот комитет за човекови права, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Коалицијата маргини, Здружението Операција Ослободување, Здружението за канабис и зелени политики Билка, НВО коалиција Канабис институт Пелагонија, Здружението на производителите на медицински канабис, Иновативната фармацевтска индустрија и од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ.