Работници во повеќе од 150 кафулиња на Старбакс штрајкуваат поради спор околу ЛГБТ декорациите, пренесува Радио Слободна Европа.
Синдикатот „Обединети работници на Старбакс“ тврди дека компанијата ги ограничила декорациите за време на прославите на Месецот на гордоста на некои локации, демонстрирајќи го „лицемерниот третман на ЛГБТКИ+ работниците“.
Старбакс остро ги отфрли овие наводи. Менаџерите на кафулињата можат да ги декорираат своите продавници како што сакаат за Месецот на гордоста, доколку ги следат безбедносните упатства, соопшти компанијата.
Од Старбакс изјавија дека не знаат за кафулиња во сопственост на компанијата кои забраниле вакви декорации.
Компанијата, исто така, посочи дека многу кафулиња ги споделиле своите декорации на социјалните мрежи.
„Непоколебливо ја поддржуваме ЛГБТКИ+ заедницата. Нема никаква промена во политиката по ова прашање и продолжуваме да ги охрабруваме лидерите на нашите кафулиња да слават со своите заедници, вклучително и за време на Месецот на гордоста во САД во јуни“, рече портпаролот на Старбакс.
Сепак, синдикатот одговори на Твитер дека врз основа на интерни документи и сведочења на менаџери на кафулиња, „наводите на компанијата не се доследни“.
Синдикатот укажува на напис во кој се вели дека декорациите се забранети на околу 100 локации низ државите Оклахома, Арканзас и Мисури. Се работи за локации во некои од поконзервативните региони на длабоко поделените Соединети Американски Држави.
Синдикатот соопшти дека ова е пример за „потклекнување на ‘Старбакс под притисоците’ и најави дека 3.500 работници ќе штрајкуваат во текот на следната недела.