Работниците од МЗТ Леарница на протест поради кршење на работничките права

Стотина вработени од МЗТ леарница протестираа пред Собранието поради, како што велат, неисплатени плати и придонеси, кршење на работничките права и лошите услови во кои работат.

„Десет дена како штрајкуваме. Не се почитува законот во компанијата. Се обраќавме до сите институции, како Управата за јавни приходи, Трудова инспекција, Министерството за труд и социјална политика. Во Министерството коректно бевме примени, ама што преземале до сега – уште нема ефект. Уште во октомври пријавивме во Министерството и Трудовата инспекција, но од тогаш уште повеќе се влоши ситуацијата. Бараме институциите да си ја завршат својата работа. Да направат контрола дали фирмата работи законски, како може толку време да не се исплаќаат плати и придонеси, како може да се исплаќаат плати во кеш“, вели Љупчо Чекаловиќ, вработен во леарницата.Slika 1

Чекаловиќ рече дека од овој проблем се засегнати 180 вработени во компанијата. Платите и придонесите не им се исплаќаат од октомври минатата година.

„Селективно има исплаќање на плата од октомври па до сега. Некои добиваат, некои не. Работничките права не се почитуваат. Прекувремена работа има, над секој закон. Месечно луѓе прават и до 200 часови работа. А условите се под секое човечко достоинство. Нема вода за пиење. Наместо да ни дадат млеко или кисела вода, како по другите металуршки фирми, кај нас обичната вода за пиење ја сопреа“, рече Чекаловиќ.

Генералниот директор на МЗТ Леарница, Виолета Стојкоска вели дека за законитоста на работењето на компанијата треба да се почека на исходот од контролите на Управата за јавни приходи и Финансиска полиција, повикани од вработените.

„Јас дозволувам сето тоа да има законска разрешница. Сето тоа ќе се докажува. Голем дел од исплатите на вработените се вршени под огромен притисок. Тие работат, па сопираат во времето кога треба да се прави испорака на дел од производите, кои се претежно за извоз. Застануваат и не продолжуваат со работа, а се знае дека тоа треба да се испорача за да дојдат пари и да им се поделат на вработените“, вели Стојкоска.

Стојкоска информира дека се направени преговори со дел од вработените, на кои им е објаснето дека решението на проблемот со неисплатените плати и придонеси ќе се решава во пакет во договор со инвеститор. Вели дека заинтересирани инвеститори има и дека веќе се вршат преговори за најповолна понуда, а разврска очекува во текот на следната недела.

„Компанијата се наоѓа во тешка ситуација поради неисполнување на плановите кои се зацртани. Со 50 проценти исполнување на плановите не може да се подмират сите трошоци на работењето. Тоа е причината која доведува до оваа ситуација. За редовна исплата на плати, треба некој минимум на исполнување на планот за да се добијат приходите кои ќе ги покријат трошоците. Перманентно неисполнување на плановите доведува до ваква состојба“, соопшти таа.

Вработените во МЗТ Леарница последниве десет дена имаа протести и пред УЈП и пред Министерството за труд и социјална политика.

Slika 2