Работници протестираа во Скопје – Побараа итно да се донесе Законот за недела неработен ден

Извикувајќи „Уа“ и со свирежи, голем број работници денеска се собраа на протест пред Собранието повикувајќи ги пратениците под итно да го изгласат законското решение со кое недела се прогласува за неработен ден. При тоа, потсетија дека бараат и измени на Законот за минимална плата. Нивните барања ги поднесоа во Собрание.

Организатор на протестот беше Сојузот на синдикати на Македонија. Додека траеше протестот, претседателот на ССМ, Дарко Димовски и уште неколку членови беа повикани на средба во Собранието, со претставници од парламентарното мнозинство.

Тој потоа пред насобраните соопшти дека добиле ветување дека законското решение за недела неработен ден ќе биде изгласано уште идната недела, а ќе важи од 1 јануари.

„Што се однесува до минималната плата, и тоа предложено законско решение нема да го бојкотираат, само се плашат да не се стави некој амандман, бидејќи не сите пратеници го поддржаа покачувањето на платите, па така и на минималната. Но, ќе се истурка и тоа законско решение, барем до крајот на јануари“, рече Димовски по средбата во Собранието.

За време на собирот пред Собранието, од ССМ истакнаа дека во период кога има ценовен шок во продавниците и пазарите, сметаат дека минималната плата треба да изнесува 60 отсто од просечната плата. Сепак, предлагаат сите останати плати скалесто да растат, бидејќи животните трошоци на сите се зголемија. Затоа, како што посочија од ССМ, е неопходна примената на колективните договори по сектор, или гранка.

Во нивните барања денес се споменаа и исплата на регрес и К-15 за сите работници.