„Работниците се државата“ – Синдикатите најавија протест за Први мај

Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) соопшти на Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај ќе излезат на протест под мотото „Работниците се државата“.

Оттаму велат дека на протестот ќе го искажат својот револт од ниските плати и погазеното работничко достоинство.

„Недозволиво е во Македонија функционерите да добијат 78% покачување на платите, а работниците 0%. Недозволиво е вработените во јавниот сектор да немаат право на регрес за годишен одмор како нивните колеги и колешки во приватниот сектор. Недозволиво е да биде погазено работничкото достоинство и правото на пристојно работно време како цивилизациска придобивка, со воведување на 60 часовна работна недела заради исполнување на желбите на газди, функционери и поединци“, велат од ССМ.

Протестот ќе започне од 12 часот пред зградата на ССМ, а од Сојузот ги повикаа сите работници и граѓани да им се придружат и да им дадат поддршка.