Горчината ретко била вкусот што останува во устата откако ќе изгледате филм на Woody Allen. Оние кои ги сакаат неговите приказни и начинот на кој големиот режисер ги раскажува, очекуваат хуморот да е неговата прва алатка. Но, во својот 45-ти филм, „Blue Jasmine“, Woody плете горка приказна во која главен мотив се грдите чувства и мачните човечки односи.
Филмот беше прикажан вчеравечер (20 ноември) во преполното кино „Милениум“, како дел од фестивалот „Cinedays“.
Животот на една средовечна жена од Њујорк (Kate Blanchett) се претвора во кошмар откако нејзиниот сопруг-милионер (Alec Baldwin) го губи целото богатство. Наоѓајќи се наеднаш без ништо, Jasmine е приморана да живее со нејзината сестра и повторно да ги гради мостовите кои одамна ги урнала. Скршена од животните предизвици, таа сведочи на сопственото пропаѓање. Извонредната игра на Blanchett е водечка нишка на непретенциозниот филм, во кој наместо преку вообичаениот хумор и леснотија, искусниот Woody Allen пораките ги артикулира низ преиспитување на најнепријатните сфери на интимата, сè до работ на разумот.
Водена од цврсто поставените ликови играни од одлични актери (комичарот Louis C.K., Bobby Cannavale, Andrew Dice Clay и Sally Hawkins), како и од интелигентните дијалози типични за Allen, приказната во „Blue Jasmine“ е мачнo, но и темелно раслојување на меѓучовечките односи. Филмот е снимен во Њујорк и Сан Франциско (вториот омилен град на Woody), а во него се задржани музиката, шармот и атмосферата типични за доцната фаза од творештвото на 77-годишниот автор.
Филмот нема да им се допадне на сите, меѓу другото и затоа што Woody Allen е еден од оние режисери околу кои луѓето се строго поделени – или го сакаат или не можат да го поднесат. Но, без оглед на тоа што мислите за Woody, во времето на плитките и пластични суперхерој-блокбастери со кои Холивуд го труе филмскиот свет, убаво освежување е да се погледне филм каков што е „Blue Jasmine“.
Жарко Настоски