На третиот ден на овогодинешното издание на Cinedays, решивме да погледнеме филм од докумантарната програма, која, мора да се признае, оваа година има многу позначителна улога на фестивалот отколку во претходните изданија. Овој пат станува збор за The Unbelievers, кој според зборовите на самите режисери/продуценти, браќата Holwerda, претставува своевидна „Rock and Roll” турнеја на науката и разумот, а „рок ѕвездите“ се светски познатите научници и водечки лица на „Новиот Атеизам“ , Richard Dawkins и Lawrence Krauss.
Филмот започнува и завршува со црно-бели снимки од интервјуа на повеќе познати личности од различни области, меѓу кои и Ricky Gervais, Stephen Hawking, Woody Allen, Werner Herzog, во кои ги даваат нивните ставови за атеизмот и науката наспроти религијата. Ова изгледа како обид на режисерот да го доближи филмот кон пошироката публика и најверојатно успева во тоа бидејќи овие познати личности на убав и искрен начин го донесуваат сето она што Dawkins и Krauss се обидуваат да го кажат во текот на филмот.
Сепак, главниот фокус во филмот е врз „динамичното дуо на науката“, Dawkins и Krauss. Richard Dawkins е познат еволуциски биолог, поранешен професор на Оксфорд и автор на еминентните научни книги „The Selfish Gene” и „The Extended Phenotype”, додека пак неговиот партнер, Lawrence Krauss е теоретски физичар и космолог, и автор на бестселерот „A Universe From Nothing”. Филмот ја покажува нивната турнеја низ светот ( Австралија , САД, Англија…) каде што присуствуаат на атеистички конвенции, дебатираат со религиозни водачи и држат говори пред полни сали за убавината на науката и разумот наспроти „штетите“ на религиозните убедувања .
Главниот фокус е врз говорите и настапите на двајцата научници и нивната страст и искреност со кое го застапуваат научното, критичко и базирано на докази размислување. Другата главна нишка која се пронижува низ филмот е култниот статус кој го имаат овие двајца научници во атеистичкото движење кој се граничи со статус на „рок ѕвезди“ и одлично е доловена нивната убедливост и шарм пред масовната публика. Одличните кадри му овозможуваат на гледачот да ја почувствува возбудата на публиката, атмосферата на истомисленици и важноста на пораката која ја изнесуваат овие говорници.
Освен тоа, филмот содржи и одреден број на снимки „зад сцената“, каде што можеме да ја посведочиме „почовечката“ страна на Dawkins и Krauss. Преку нивните приватни дијалози се воочуваат корените на нивните убедувања, разликите кои постојат меѓу нивните карактери, нивното пријателство, но и нивните маани.
Интересен детал беше тоа што на премиерата во кино „Милениум“ присутни беа режисерите – браќата Holwerda, кои по завршувањето на филмот одржаа Q&A сесија, преку која на публиката и беше овозможено да прашуваат и да ги дознаат нивните мотиви за снимање на овој филм, предизвиците и проблемите при снимањето, нивните лични убедувања, но и идни планови.
Генерално, силата на The Unbelievers е во естетскиот дел на филмот. Одличните кадри од местата кои ги посетуваат Dawkins и Lawrence, атмосферата на конвенциите и полните сали, шармот и убедливоста во нивните говори да направат гледачот да се чувствувa како да е дел од патувањето со нив, но и дел од милионите атеисти, скептици, „неверници“… Темпото на филмот е одлично сетирано и го држи вниманието до самиот крај.
Сепак, главната маана на филмот е содржината. И покрај обидите на браќата Holwerda да го потврдат спротивното, гледачите може да почуствуваат дека The Unbelievers е една своевидна реклама на атеистичкото движење, а емотивноста на говорите и култот кон Dawkins и Krauss не се доволни за еден филм со ваква тематика. Многу од гледачите ќе почувствуваат дека му недостасува и академска тежина, но и аргументирани дебати (исклучок се приватните разговори меѓу Dawkins и Krauss,објаснувањето зашто на човекот му е тежок концептот на перцепција на долги временски периоди и дел од теоријата на еволуција и природна селекција).
Се на се, The Unbelievers исполнува дел од главните задачи и дава убав поглед во движењето на атеизмот, но отвора и многу прашања за размислување – дали пропагандата е штетна во секој случај или науката е исклучок, дали религијата наспроти критичкото размислување и науката се навистина заемно исклучиви… Сепак, она што не тера да размислуваме – вреди да се погледне.
Марко Димитровски