Индустријата е меѓу најголемите загадувачи во Македонија, се вели во извештајот за воздух на Европската организација на врховни ревизорски институции. Мерните станици за воздух во Скопје покажуваат алармантни податоци, а македонската метропола и зимава се најде на ранг листите за најзагаден град на светот. Принципот „Загадувачот плаќа“, кој треба да биде мерило за тоа колку индустријата им враќа на граѓаните за загадувањето што им го создава е поставен на лоши темели. Немањето доволно ефикасни инспектори и државна акредитирана лабораторија која ќе ги држи на штрек „загадувачите“, го прави целиот систем разнишан, незаштитен од злоупотреби и отворен за разни толкувања.
Силното сонце го отвори небото над Батинци, село со десетина илјади жители во скопската општина Студеничани, распослано меѓу Маркова река и Китка. Веста дека Скопје е најзагадениот град во Европа не ги изненадува овие мештани. Тие веќе се научени на прашината и смрдеата од индустријата и депонијата „Дрисла“ која се наоѓа на само километар од нивните домови.
Во селото, велат, тешко се дише, водата е црна, а почвата загадена.
„Има и индустрија, но депонијата го уништи народот овде. Загадена е реката, црна вода се слева од депонијата во Маркова река. Црна како ќумур“, вели Арлија Рушовиќ, кој го сретнавме на влезот на селото.
Мештаните Хамид и Мурат, пак, беа во локалната продавница за механички делови. И тие се свесни за загадувањето.
„Насабајле кога ќе станеш има миризба, како од ОХИС порано кога беше“, вели Мурат.
„Таа (Дрисла) ни е загадувач и на водата и на воздухот и на земјата. Од тоа полошо нема. Да дишеш затруен воздух“, додава Хамид.
Загрижени, жителите на Батинци коментираат дека децата им се болни. На селските собири се пребројуваат оние кои го преживуваат загадувањето и ракот, велат тие.
„Никој не води сметка за народот, секој се бори за власт. Ние не би требало да плаќаме ни водарина, ни ѓубрарина. Во Маркова река не се лови риба, водата не е добра ни за наводнување“, револтиран е Рушовиќ.
Индустриски капацитети се распослани на патот кон селото и надвор од него. Големите индустриските капацитети се регулирани со А преодни или интегрирани еколошки дозволи, како што е Дрисла. Помалата индустрија пак е регулирана со Б еколошки дозволи за работа, во кои е уредено кои се нивните еколошки пракси.
Повеќето од луѓето кои ги сретнавме за време на посетата на селото сместено на периферијата на Скопје велат – „Не сме од Батинци, овде доаѓаме само за работа“.
Каде завршуваат парите од надоместоците за Б-инсталациите во Скопје?
Од Батинци, преку центарот на Скопје, па сè до Ѓорче Петров и Сарај, работат триесетина компании од помалата индустрија со Б еколошки дозволи, интегрирани или преодни, и уште толку од големата А индустрија. Радио МОФ истражуваше, дали и колку плаќала индустријата за загадувањето што го направила во Скопје во текот на 2016 и 2017 година.
Компаниите кои добиле А или Б еколошка дозвола за работа, или се во постапка за нејзино добивање, имаат обврска еднаш годишно да платат надоместок за дозволата. Со него се плаќа и за емисиите што ги испушта индустријата во воздухот, водата и почвата. Налозите за Годишен надоместок за тековната година, се издаваат во март, идната година.
Надоместоците се регулирани со член 129 од Законот за животна средина, а Владата ја пропишува висината на овој Годишен надоместок. Пресметката се прави врз унифицирана формула, а висината на тој надоместок зависи од просторната површина на индустрискиот објект, од бројот на местата од кои капацитетот испушта емисии во животната средина, но и од видот на тие емисии. Доколку капацитетот загадува повеќе од пропишаното во еколошката дозвола, тогаш ќе плати дополнителна сума за надминувањата на граничните вредности.
Но, Годишниот надоместок за поседување дозвола и редовен надзор во дел од пресметките не е точно и целосно утврден поради недоволно ефикасен систем на внатрешни контроли, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија насловен „Утврдување, наплата и користење на надоместоци кои се должни да ги подмируваат операторите на инсталации кои имаат влијание на животната средина“. Ревизорите укажуваат на недоволна прецизност на законските и подзаконските одредби и нивна различна и несоодветна нивна примена, а реагираат и на отсуство на целосни информации, следење и наплата на соодветниот надоместок.
Парите од големите индустриски капацитети во Скопје, регулирани со А еколошки дозволи, завршуваат во државниот буџет, а решенијата за Годишниот надоместок, еднаш годишно, ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање. Парите собрани од надоместоците од малата, Б индустрија во Скопје, завршуваат во градската каса, а решенијата ги издава Градот. Покрај капацитетите на А и Б индустријата, во Скопје функционираат и 500-600 објекти кои се регулирани само со еколошки елаборат, па оттука немаат обврска да плаќаат Годишен надоместок. Во оваа група влегуваат и бензиските пумпи, стотици мали погони, угостителски објекти.
Податоците до кои дојде Радио МОФ преку правото за пристап до информации од јавен карактер, покажуваат дека за 2016 година, Град Скопје издал налози за 30 Б-индустриски капацитети. Тие, во 2017 година требало да уплатат годишен надоместок од вкупно 1.524.597 денари. Но, од нив во градскиот буџет се слеале само 998.029 денари. Парите собрани од Годишниот надоместок за Б дозволите, информираат од Град Скопје, се единствените надоместоци за екологија и заштита на животната средина кои влегле буџетот за 2017.
Овие пари се трошат за финансирање на проекти и други активности предвидени со годишните Програми за инвестирање во животната средина. Но, ако се погледне Програмата на активности од областа на заштитата на животната средина и природата на подрачјето на Град Скопје за 2017 година, која тежи 110 милиони денари, станува јасно дека надоместоците од Б -индустријата не сочинуваат ни 1% од вкупната сума. Во истовреме, 18 проценти од аерозагадувањето во Скопје доаѓа од индустријата, стои во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопскиот плански регион oд 2016 година.
За 2017 година, пак, се издадени 28 налози за Б-инсталации, со вкупна сума за Годишен надоместок од 1.227.086 денари. Програмата на Град Скопје за 2018 година изнесувала 141 милиони денари. Како што информираат од Градот, во периодот 2016-2018 година, немаат добиено средства од државниот буџет за програми и проекти за екологија и заштита на животната средина.
Единствена „казна“ за загадување е надоместок
Индустријата не плаќа доволно за загадувањето што го прави, сметаат познавачите на состојбите. Тие реагираат и за начинот на пресметка на емисиите, а укажуваат и на можна спрега меѓу лабораториите кои мерат и нивните клиенти-индустријата.
За професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, самата формула по која се пресметува Годишниот надоместок од А и Б индустријата, на прв поглед, има логика.
„Загадувал, не загадувал, ти плаќаш, бидејќи имаш објект со емисиони извори и емитираш некакви супстанции штетни, кои може ги држиш под контрола и затоа плаќаш. И плус плаќаш дополнително за оние параметки кои ги загадуваш. Емисиони точки се – оџаци, или испустни цевки за отпадна вода. И тоа е помножено со секоја пооделна емисија“, појаснува тој.
Она што за него е нејасно, е тоа што А и Б дозволите дозволуваат некој индустриски капацитет легално да прави надминување на граничните емисии, па наместо санкции, како „казна“ единствено добива одреден процент повисок надоместок за плаќање.
„Што ако надминувањето трае со години, и го плаќа? Тој загадува, загадува, загадува, и плаќа?! Спремен е да плати. Тоа му е многу поевтино отколку да изгради станица за отпадните води која може ќе го чини милион. Па, ќе пресмета, 10 години ќе плаќа по 100.000 евра, а вака многу помалку“, вели Стафилов.
Сегашната формула за пресметка на Годишен надоместок, дозволува секој капацитет да ги надмине граничните емисии утврдени со неговата А или Б дозвола. Колку повисоки се надминувањата, толку повисока ќе биде сумата на налогот за надоместок за индустрискиот капацитет, издаден од Градот или Министерството.
Според добиените налози од Град Скопје за исплата на Годишните надоместоци од Б индустријата, во 2017 година, надминувања на испусти направиле три капацитети во Скопје.
Еден е сместен на патот кон Батинци, во непосредна близина на Маркова река. Фирмата „Беровиќ бетон“, како што е наведено во решението за Годишен надоместок, при произведствениот процес во 2017 ја надминала границата на нитрати. Согласно Правилникот за испуштање на отпадните води по нивно прочистување, наведен во решението, граничната вредност за оваа емисија е 2.0 mg/l (милиграми на литар), а „Беровиќ Бетон“ во 2017 година испуштила 3,8 mg/l. За ваквото загадување службите на Град Скопје им побарале 6.013 денари (100 евра). Оваа сума е вклучена во вкупниот Годишниот надомест за 2017 година, кој за компанијата изнесувал 35.455 денари.
Уште две скопски компании од малата индустрија регулирана со Б-дозволи, во 2017 ги надминале граничните емисии. Според годишниот налог, за „Вардарградба“ се измерени 55,3 mg/l суспендирани материи, а границата е 35 mg/l. За ова загадување платиле 1.741 денар, а вкупно 65.941 денари за интегрираната дозвола за 2017 година.
И компанијата „Гоива“ во 2017 во голема мера ја надминала дозволената концентрација на нитрати. Налогот издаден од Град Скопје вели: наместо дозволените 2.0 mg/l, „Гоива“ испуштала 8,3 mg/l, или над четири пати над границата. За вакво загадување на површинските води уплатиле 20.478 денари, а годишно вкупно 50.925 денари за Б-дозволата.
Една година претходно, во 2016 се издвојуваат надминувања на емисиите кај две компании. „Три браќа“ испуштала нитрати 2,5 пати повеќе од дозволеното и платила само 9.426 денари. Кај компанијата „МИС Глобус“ – од доставените извештаи за емисии во канализација, инспекторите забележале хлор 4,8 пати над граниницата, но и надминување на масти од 7,5 пати. Ваквото работење ја чинело „МИС Глобус“ дополнителни 23.263 денари преку Годишниот надоместок.
Во решенијата кои ги издало Град Скопје за Б –индустријата во 2016 и 2017 година, наведени се податоци како е направена пресметка за Годишниот надоместок, за емисиони точки на секој капацитет и кои точно емисии се испуштаат.
Ова не е случај со Министерството за животна средина. Во ваквите сродни документи на МЖСПП за А-индустријата ја има само конечната сума на Годишниот надоместок. Односно, изоставува информацијата за тоа дали, колку и со што загадуваат индустриските капацитети, но и колку евентуално е наплатено за такво надминување на емисиите.
Со ова се уверивме кога бевме на увид на документацијата, откако претходно Министерството во рок од 30 денови не ни ги прати надоместоците по нашето Барање за пристап до информации од јавен карактер. Дозволија единствено увид во налозите за Годишните решенија за надоместоци, но не и нивно скенирање.
Фабриките сами си мерат колку загадуваат
Друг проблем, укажуваат ревизорите, е тоа што нема контролен механизам за тоа што е измерено како емисија од страна на индустријата.
„Двете лаборатории за следење на квалитетот на животната средина во надлежност на Министерството не се акредитирани поради неисполнување на барањата согласно важечкиот систем за квалитет и управување со лаборатории. Поточно, несоодветната опременост и недостигот од стручен кадар. Поради ова, надлежните немаат можност за потврдување на точноста на податоците од мерењата од страна на операторите“, стои во ревизорскиот извештај.
Па така, секоја компанија што има А или Б дозвола мора сама да мери колку загадува, односно да ангажира една од неколку сертифицирани приватни компании во земјава. Нема акредитирана државна лабораторија која може да ги прави овие мерења.
„Ние имаме полно право да не веруваме во одредени мерења или секогаш постои можност за спрега помеѓу инсталацијата (индустрискиот капацитет) и оној што мери“, смета Филип Иванов, поранешен директор на Управата за животна средина, а сега консултант за животна средина.
„Ниедна приватна лабораторија нема да си дозволи да врши супервизија на друга приватна лабораторија. Затоа треба да има централна лабораторија за животна средина. И ја има, којашто не е функционална, а таа треба да ја игра улогата на контролна институција“, додава Иванов.
За тоа како се „прилагодуваат“ пониски вредности на измерените емисии од индустријата за Радио МОФ објаснува и Дејан (неговото име во овој текст е сменето), кој повеќе од една деценија работеше на менаџерска позиција во еден од најголемите индустриски капацитети во Македонија, со А еколошка дозвола. Побара анонимност поради страв дека јавното зборување ќе му донесе отказ од сегашното работно место. Вели дека додека работел како менаџер на компанијата, на два начини ги прикривале високите емисии во животната средина.
„Акредитираната лабораторија доаѓа да мери најчесто на повик на компанијата. Тоа значи дека тој ден производството се намалува“, објаснува Дејан, па оттука и вредноста на емисиите е нереална.
Втората варијанта е, додава, иако е измерена една вредност, таа се поправа и на нејзино место се впишува друга.
„И самиот сум го правел тоа. На пример, кога ќе се случи одреден параметар да покаже над границата, ќе ја напишав годината на моето раѓање (19хх), па некоја историска година (пониска од граничната вредност), и слично“.
Од негово искуство, лабораторијата секогаш му излегувала во пресрет.
„Во официјалната верзија“, додава тој, „завршуваат секогаш пониските бројки“.
Контактиравме една од трите акредитирани компании за вршење мерења на емисии од животната средина со барање на средба. Оттаму добивме писмен одговор дека резултатите од мерењата се деловна тајна и, согласно сертификатот кој го имаат, тие се издаваат исклучиво на ангажираниот клиент.
Инаку, во склоп на Управата за животна средина постои државна лабораторија која може да мери индустриски емисии, но не е акредитирана за ниту една метода согласно меѓународниот стандард ISO17025. А додека не се акредитира, таа е неупотреблива и единствено може да служи за индикативни мерења. Без резултати од акредитирана лабораторија – нема правна основа за санкции.
Мерењето на емисиите е сериозен проблем и за Александра Бујаровска, од еколошката организација „Фронт 21/42“ која правеше истражување „Дали и колку плаќаат загадувачите во Македонија“ за да увиди како се спроведува начелото „Загадувачот плаќа“ од Законот за заштита на животната средина. Таа вели дека вака поставен, целиот систем е несигурен и подложен на манипулации.
„Проблемот е што за референтна вредност, врз чија основа се пресметува кој колку ќе плати, се земаат само две вредности избрани по случаен избор. Ова значи дека ако токму тој ден операторот (индустрискиот капацитет) имал повисоки вредности на емисии ќе добие една сума за цела година. Од друга страна пак доколку ‘имал среќа’ мерењата тој ден да бидат со пониски вредности на емисии – ќе плати далеку помалку за целата година. Најпроблематично е прашањето кој и како избира кои се тие два референтни денови, кој го врши мерењето и кој го плаќа, особено имајќи го предвид бројот на акредитирани компании, и колку системот на избор е независен“, децидна е Бујаровска.
30-ина Б-капацитети, 4 инспектори, 0 казни од Град Скопје
Инспекторите за животна средина на Град Скопје во 2016 и 2017 година не напишале ниту една казна за Б индустријата, за која се надлежни да прават контроли. Во 2016 година, имаат направено вкупно 23 записници од надзор над триесетина Б-инсталациите. Следната година биле поажурни, па имаат 37 записници. Од Град Скопје велат дека не се во можност да ги достават овие записници, повикувајќи се на Законот за заштита на лични податоци.
„Инспекторите во минатото, да речам, лефтерно си ја сфатиле работата“, оценува Мирослав Богдановски, директор на Инспекторатот на Град Скопје, кој од летово ја презема оваа функција.
Во Скопје има четири инспектори за животна средина и тие се задолжени за триесетина Б – инсталции.
Богдановски најавуваше засилени инспекции и први казни за 2018 година. Кон крајот на декември 2018 година, мереле емисии во шест компании со една од трите акредитирани лаборатории, добиена на тендер од Градот. Тогаш се соочиле со застарените правилници. Така, на пример, според Правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи кои ги емитираат стационарните извори во воздухот, кај малите капацитети под 1 mW/h е предвидена контрола на само еден индикатор, т.н. чаднокатрански број, со кој како што појаснува Богдановски, се утврдува само бојата на чадот.
„Тука имаме проблем затоа што мерењето на емисиите ја покажуваат фактичката состојба што излегува од тој оџак, за разлика од многу поедноставното мерење во однос на ова што ние го правиме, каде што имаме точни податоци во однос на јаглерод моноксид, азотни оксиди, колку и како се испушта. Треба да се работи во измена на тој Правилник, каде ќе се усогласат закони, мерни инструменти, начин на мерење, за сето тоа да биде регулирано“, вели тој.
Нивните раце остануваат врзани бидејќи Правилниците се напишани пред половина век. Поточно, стандардите за мерење на квалитетот на воздухот и на емисиите на штетни супстанци од седумдесетите години на минатиот век, кои малку или воопшто не кореспондираат со поимите, стандардите, начините на мерења и другите елементи содржани во важечкиот Закон за квалитет на амбиентниот воздух донесен во 2012 година. Дел од подзаконските акти, иако донесени во и по 2010 година, се повикуваат на стандарди од 70-тите, што, исто така, ги прави тешко применливи во постапките на инспекторите за животна средина.
Индустриските капацитети со А дозволи пак не се под надлежност на градските инспектори, туку нив ги контролира Државниот инспекторат. Но, и овде скоро и да не се пишувале казни. Така, во периодот 2016-2018 година, државните инспектори напишале само една спогодбена казна, за депонијата „Дрисла“ од 8.500 евра, согласно Законот за квалитет на амбиентален воздух. Депонијата кај Батинци кон крајот на 2017 година е казнета за надминување на штетните концентрации во воздухот при согорување медицински отпад.
Од Државниот инспекторат информираат дека во периодот 2016-2018 година направена е и една постапка за порамнување со „Макстил“ за 2.700 евра, но таа е според Законот за управување со отпад. Но и оттаму, иако беше побарано, не ни беа доставени записниците од извршените надзори во скопските капацитети со А дозволи. Ги добивме само годишните извештаи на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), во кои стојат голи бројки. Односно, според ДИЖС, во цела Македонија во 2016 година се направени 2.387, додека во 2017 уште повеќе – 2.451 записници од надзори, за сите области.
Истовремено, во 2016 се евидентирани 23 барања за прекршочна, без ниту едно за кривична постапка. Во 2017 – 24 за прекршочна и едно за кривична постапка. Повторно нема имиња, само голи бројки. Според официјалните извештаи, за двете години имало 0 (нула) пријавени неправилности за работата на инспекторите.
Слаба мотивација за намалување на загадувањето
Поради големиот број на дозволени испусти, највисока сума за Годишниот надоместок за Б дозвола платила пекарницата на „Жито Лукс“ во Топанско поле, 231.691 денар во 2017 година, или 152.491 годината претходно. Останатите Б инсталации плаќаат значително помалку, па според налозите за 2017, следуваат пекарницата „Диме“ со 94.921 денар, и Друштвото за снабдување со пареа и топла вода „Скопје север“ со 78.582 денари.
Во 2016 година, на врвот на листата според висината на пресметаниот годишен надомест се „Скопје север“ со 144.582 денари и „Беровиќ бетон“, со 120.362 денари. И двете компании, според листата доставена од Град Скопје до Радио МОФ, не го платиле овој надоместок во предвидениот рок, 2017 година.
Во однос на големата индустрија, највисоки суми за Годишен надоместок за А дозвола за 2016 и 2017 година добила „Дрисла“ 287.738 и 330.277 денари. По неа следи „Џонсон Мети“, со 233.516 денари, за двете години.
Според поранешниот директор на Управата за животна средина, Филип Иванов, со вакви суми и формула по која се пресметува сумата што ја плаќа малата и големата индустрија за годишните надоместоци за А и Б дозволите, таа е немотивирана за намалување на загадувањата.
„За големите емитори треба да има големи надоместоци. Ако е граничната вредност на амбиентниот воздух надмината, а имате 100 субјекти од кои ниеден не ги надминал своите гранични вредности, тогаш доаѓаме до заклучок дека треба за секој поединечно да поставиме или построги стандарди за да ги намалиме граничните вредности, или да ги наплаќаме емисиите, па они сами ќе мора да си намалуваат затоа што тоа скапо ќе ги чини“, смета тој.
Жителите на Батинци се дел од 800.000 нивни сограѓани во Скопје погодени од аерозагадувањето. Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје го оправдува стравот што го имаат овие мештани, бидејќи токму ракот, мозочниот удар и кардиоваскуларните болести се најчестите манифестации на огромното загадување.
Според наодите до кои дошле, возрасната граница на заболени лица од аерозагадувањето се намалува. Ако порано критичната граница се движела од 60 на 65 години, денес таа е снижена на 40 до 50 години.
„Во бројки, ако ја земеме апсолутната смртност, годишно умираат во Скопје над 5.000 луѓе, или околу 10.000 на територијата на РМ. Од 20 до 30 отсто од нив можеме да ги врземе со аерозагадувањето. Во Скопје, последната бројка врзана со периодот од 2014-2017, па и 2018 е дека изнесува околу 1250-1300 од аерозагадување“, вели Ѓоргев.
Тој укажува дека според сите системи за заштита на воздухот во европските и светските референтни центри, токму индустријата е сериозен активен чинител. Дополнува дека на светско ниво, аерозагадувањето придонело драстично да се намали возрасната граница на смртност.
„Не смее да има индустрија чијшто технолошки процес не е еколошки“, дециден е Ѓоргев.
Професорот Стафилов пак, вели дека законска обврска на секоја инсталација е да ги задоволува стандардите во земјава кога испушта отпадни супстанци, води, гасови, или отпад.
„Значи, тие одредени параметри коишто се штетни, да бидат со дозволени концентрации согласно Правилниците за отпадни води, гасови итн. Доколку ги надминуваат, една мерка е да плаќаат за тоа надминување, но секако тоа не треба да биде континуирано дозволено и треба да се бара од операторот да преземе мерки за да спречи во иднина испуштање штетни супстанции над дозволените концентрации“, вели Стафилов.
На ова се надоврзува Пеце Недановски, професор на Економскиот факултет, кој укажува дека е тешко кога некој загадува, државата да го оданочи точно колку што прави штета.
„Едноставно да се каже, а потешко е да се примени во пракса. Тешко е, затоа што многу тешко може да го измерите негативното влијание, да ја измерите штетата којашто ја предизвикал одреден загадувач“, вели Недановски.
Според него, исто толку голем проблем е и како ќе се трошат парите од загадувачот. Смета дека ако завршат во централниот буџет, никој не може да гарантира дека ќе бидат потрошени за мерки против загадувањето. А парите од Годишниот надоместок од големата А индустрија, завршуваат токму во централниот буџет.
За Бујаровска од „Фронт 21/42“, со ваквиот систем на пресметка на мерење на емисиите, и пресметка на годишните надоместоци од индустријата, нема мотивација за намалување на загадувањето.
„Од технички аспект решението е релативно едноставно: воведување на формула која реално ќе го рефлектира загадувањето согласно одработени часови и количество, формула која ќе содржи високи коефициенти за секој загадувач и чија пресметка нема да зависи од човечки фактор, воведување на финансиска гаранција и повисоки казни доколку не се спроведе модернизацијата“, вели Бујаровска.
Според член 3 од Директивата за ИСКЗ, операторите треба да преземат соодветни мерки за спречување на загадувањето преку имплементирање на Најдобри достапни техники (НДТ). Ако ги имплементираат, ќе добијат за 15 или 20 отсто пониска сума за плаќање на Годишниот надоместок за А или Б еколошката дозвола. Овде влегува употреба на технологија што создава помалку отпад, употреба на помалку опасни супстанци, понатамошно искористување и рециклирање на супстанциите што се произведуваат или се користат во процесот. Техниките ги опфаќаат и потрошувачката и природата на суровините кои се користат во процесот и нивната енергетска ефикасност, но и потребата од спречување или намалување на минимум вкупното влијание на емисиите врз животната средина и ризиците од нив.
Според добиените налози од Б индустријата во Скопје, во 2017 година, една третина од компаниите работат по најдобрите стандарди. Во 2016 година, само четири од 27 компании, ги имале имплеметирано Најдобри достапни техники.
Државата е обврзана да поставува високи стандарди за индустријата
„Повеќето институции се уште одбиваат да разберат дека загадувањето на животната средина е огромен проблем кој никако не е во надлежност на само едно министерство. Институциите не комуницираат меѓу себе па така имаме стратегии и програми кои се одлични за економијата, меѓутоа многу штетни за животната средина и здравјето на граѓаните“, велат од невладината организација „Еко свест“.
Оттаму посочуваат дека воспоставување на повисоки стандарди за индустријата е и обврска која државата ја презема со повеќе меѓународни договори.
„Последниот извештај на Европската унија за нашата земја повторно забележува дека нема координираност помеѓу Владата, институциите и општините кога станува збор за квалитетот на воздухот. Отворањето на поглавјето 27 секако ќе значи земање во предвид на животната средина и климатските промени при изработка и имплементација на сите закони, стратегии и програми“, велат од „Еко свест“.
Во суштина, овој процес значи дека целата ЕУ регулатива од овие сектори ќе биде вметната во националното право со крајна цел намалување на емисиите на штетни гасови.
„Во случај да не се спроведува регулативата, ако станува збор за ЕУ, последиците се едноставно дека нема да станеме земја-членка на ЕУ. Ама ако зборуваме за неисполнување на обврски од договорот со Енергетска заедница тогаш може да има последици како забрана за извоз или исфрлање на земјата од Енергетската заедница што секако ќе биде катастрофално за економијата“, појаснуваат од „Еко свест“.
[Фото] Еко-активисти со протест побараа поголема контрола на „Дрисла“
Јануари беше месец на „отровен“ воздух, а жителите на Скопје излегоа на улица и го кренаа својот глас против аерозагадувањето. И жителите на Батинци беа сведоци на еден таков протест, кога активисти здружени во Движењето за чист воздух одржаа предупредувачки протест пред депонијата „Дрисла“, која, пак, периодов тврдеше дека не загадува при уништувањето на отпад.
Активистите побараа во најбрз можен рок да се донесат правилници за индустриски емисии и воведување најдобри производствени пракси за тој сектор, како и нов правилник за инспекциски надзор.
Протести секој викенд се одржуваат во центарот на Скопје преку иницијативата „Канцерогено општество“, на кои граѓаните бараат поголема контрола врз индустријата.
„Ние како граѓани не можеме да се покориме на евтините мерки кои досега ги промовираа политичките елити. Засегнати сме за нашата иднина, за нашите деца, за нашиот буџет кој од година во година се повеќе се излива во лекови“, гласеше една од пораките на демонстрантите.
Сонцето над Батинци заоѓа, ветрот го снемува, а со тоа се враќа и загадувањето. Жителите и вечерва ќе заспијат во еден од најзагадените градови во светот, во надеж дека еден ден смрдеата од депонијата и прашината од индустријата ќе исчезнат од нивните животи.
Истражуваа:
Јасмина Јакимова
Бојан Шашевски
Емилија Петреска