Пред да навлеземе во традиционалниот краток преглед, мораме да кажеме дека сме многу задоволни од тоа што оваа година има толку многу домашни драми на репертоарот на МОТ. Секако, одлично е тоа што оваа година, како и секоја, гостуваат и странски театарски трупи на фестивалот, но големиот број на претстави од Македонија ни покажува дека изминатава година била успешна, дека креативните идеи на авторите и актерите биле вонредно богати.
„Хамлетмашина“ е претстава во режија на Андраш Урбан, а во изведба на Народниот театар од Битола. Содржински, претставата е сочинета од еклектичен спој на текстови од Ками, Маркс, Мао Це Тунг, Шекспир, Рацин, Жижек, Вапцаров, како и од текстови подготвени и од самите актери и драматургот – Билјана Крајчевска. Сите овие текстови не се оставени простум, туку имаат цел – да направат паралела помеѓу идеалот на капитализмот, на модерниот поредок и реалната цена што ја плаќаме за него. Ако некој смета дека македонската театарска сцена веќе не може да биде субверзивен простор, дека е задушена слободата на совест и изразување, топло му препорачуваме да ја гледа оваа претстава. Во текот на сите 85 минути, актерите балансираа помеѓу сарказам и комедија, до тој степен што во неколку моменти не можеше да се познае дали само се шегуваат или се сериозни, дали се искрени или се подбиваат. Како со нож да сечеа по се што е погрешно, неисправно во државата и пошироко, од идолопоклонството, спортските сали, непотизмот, преку заканите кои ги добивале додека ја подготвувале представата, преку тоа што значи да си неевропеец во Европа. Воодушевува нивната координација, од функционалниот дизајн на сцената, од идеите што беа споделени нас. Се надеваме дека оваа претстава ќе остави траен печат на театарската сцена во Македонија.
Атанас Димитров