Радио МОФ на Сигет – втор дел

Day 1 – Бум почеток

Дојде денот кога и официјално започна овогодинешниот Сигет Фестивал.
Се упативме до островот под зраците на жешкото сонце околу 15:00 часот за да пристигнеме навреме на промоцијата на Yeni Raki во Roma Tent, а со тоа и на официјалното воспоставување на соработка помеѓу Сигет фестивал и Yeni Raki како спонзор на целиот фестивал.

Skunk Anansie

Сите акредитани новинари и фотографи/камермани имаа пристап до овој шатор. На самиот влез се делеа промотивни материјали (кутија која свири кога ќе ја отворите, а во неа Yeni Raki od 0,5L, маица на која е испишано Fusion is beautiful – слоганот на целата сцена, маска за iPhone 5 и чашка), навистина пријатно изненадување и мошне убав гест. Под бели и сини шатори се служеше Yeni Raki, познат по својот специфичен вкус на анасон кој наликува на македонската мастика и грчкото узо. Од страна се сервираа и традиционални турски закуски, салати, месо на скара, како и баклава и крем со овошје. Навистина превкусна храна која одлично се комбинираше со Yeni Raki.

Следуваше обраќање на маркетинг директорот задолжен за промоцијата низ цел свет на Yeni Raki – Елиф Гокташ, навистина пријатна госпоѓа која дури се согласи и нам да ни даде интервју. На крајот, овој настан заврши со ударачки оркестар кој на задоволство на присутните приреди вистинско шоу.

Радио МОФ на Сигет - втор дел

Оттаму отидовме на Главната сцена за да го проследиме Alex Clare. Иако закажан прилично рано, во 16:30 часот, сепак публиката беше присутна во огромен и навистина уживаше во одличниот настап. На повеќе наврати ја зема својата гитара и ги покажа своите завидни вокални способности. Својот настап го заврши со изведба во живо на универзално познатиот хит „Too close“ кој беше проследен со вистинска еуфорија.
По него настапија Skunk Anansie.

Секогаш енергичната Skin (Deborah Anne Dyer) воспостави одлична комуникација, неколку пати се симна од сцената и влета помеѓу своите обожаватели кои ја кренаа во раце и ја „прошетаа“ низ публиката. Како и со секој артист, важи истото и за Skunk Anansie, моментот кога се свири нивниот најголем хит „Weak“ публиката полудува, за веднаш по тоа, сите да се стишат и разнежнат кога ја отсвирија „Hedonism“.

CHASE AND F@$%ING STATUS!!!!

По завршетокот на овој настап, заминавме на Arena каде што со нетрпение го очекувавме настапот на Chase and Status. Неверојатно доживување! Феноменален жив настап на бендот, кој е еден од најактуелните британски артисти. Но, да почнеме од почеток. Арена и А38 официјално и беа отворени тој ден, па така решивме да провериме како изгледаат легендарните шатори за забава на Сигет. Едноставно кажано, Арена шаторот е иста големина колку што е нашата Метрополис Арена…. а зборуваме за монтажен објект. Ние влеговме во 19.15 часот и во тој момент веќе пола од шаторот беше полн.

Радио МОФ на Сигет - втор дел

Во 19.30 беше преполно и точно во тој момент излегоа на сцена и луѓе верувајте ми, ова беше најдобрата журка на која сум бил во мојот живот. Лево од сцената беше Chase, десно Status, додека одговорен за публиката беше MC Rage. Буквално можам да кажам дека го добивме истиот настап од Гластонбери, само недостасуваа гудачките инструменти. Забавата ја отворија со „No Problem“, па ги добивме „Hypest Hype“ и „Easter Jam“. Неочекувам момент беше кога направија дабстеп верзија на „Killin in the name of“ на која публиката реагираше феноменално. Врвот беше кога ја отсвиреа „Time“ и после тоа ги врзаа нивните најголеми хитови од оваа година „Blind Faith“ и „Lost & Not Found“, со вокална изведба на Луи Матју. Повторно ќе нагласам дека ова беше дефинитивно најдобрата забава на целиот Сигет.

Завршниот настап на Главната сцена за првиот ден му припадна на Nick Cave и неговиот бенд The Bad Seeds. Прилично гласен и мрачен, иако на моменти имаа проблеми со озвучувањето (не успеавме да откриеме поради кои причини), сепак наидоа на огромна поддршка од публиката. Настапот го отворија со „Who U R“ и потоа нè почести со „Jubilee Street“. Целиот негов настап изгледаше како промоција на новиот албум и не ни ја даде можноста да уживаме во некои од неговите најголеми хитови, како на пример “Red Right Hand“, „Do you love me“ итн.

Потоа повторно се вративме во Arena за да го проследиме DJ set-от на Nina Kraviz, закажан во 23:30 часот, но се појави еден час подоцна. Во тој еден час нејзино доцнење, настана рокада, пришто настапи HotX со одличен микс. Во 30 минути по полноќ, настапи Nina Kraviz која долго беше очекувана од верната публика која сепак остана еден час повеќе за да ја ислуша докрај и да ужива во нејзиниот house set.

Околу 01:30 часот, на крајот на вечерта поминавме и до останатите помали сцени на кои имаше доста млади луѓе кои одлично се забавуваа. Доминираше дабстеп музика која звучеше одлично, па дури и на Fusion is beautiful сцената на која најчесто може да се слушне ориентална музика.

Day 2 – Оган и пламен со Biffy Clyro… Bad Religion потценети со помала сцена

На 8ми август, т.е. во четвртокот дојдовме прилично рано на фестивалот околу 17 часот специјално за Dizzee Rascal кој беше закажан за Главната сцена во 17.45 часот. Како можеби единствениот хип хоп артист на главната сцена, Dizzee ни приложи одлична забава. Се започна со „Superman“ и „Need a reason“, доволно добар старт за публиката да почне да скока. Потоа кога ја даде „Bassline Junkie“, настана комплетно лудило. Подоцна го изведе неговиот голем летен хит „Goin‘ crazy“, кој за жал не беше со Роби Вилијамс. На општо изненадување, направи преработка на „You’ve got the love“ од Florence and the Machine. Феноменален концерт кој заврши со (според нас) неговиот најголем хит „Bonkers“.

После неговиот настап решивме малку да одмориме во прес центарот, и од таму ги проследивме шпанските ска панкери Ska-P на кои можете да замислите каков беше нивниот, да кажеме, уникатен настап. Во еден момент пејачот беше облечен како папата само со ѓаволска маска и проповедаше на шпански. Зборуваа против американската влада, а испеаја и песна со која повикуваа на ослободуввање на Палестина. Од песните изведени ќе ја издвоиме „Legalización“ на која публиката премногу се израдува и правеа ред други работи за да го доловат правиот дух.

Во меѓувреме, мора да напоменеме дека настапот на Michael Kiwanuka за А38 беше откажан (не знаеме од која причина) и сите изведувачи пред него беа поместени за еден час, што на некои им пречеше поради поклопувањето со други артисти, пришто мораа да одберат еден или друг изведувач. Но, би сакале уште еднаш да напоменеме дека духот на Сигет не е само во главните ѕвезди, туку и во целокупната атмосфера на островот, како и во младите луѓе кои одлично се забавуваат и на помалите сцени.
Дојдовме до главниот настан на вечерта, Biffy Clyro.

Радио МОФ на Сигет - втор дел

Верувале или не, 15 минути пред нивниот настап беше преполно на просторот пред Главната сцена. Пофалба до организаторите за одличното решение да ја намалат прашината во тој простор. Целиот простор беше исполнет со гумени плочки и додатно (за разладување) на четири големи сајли беа поставени прскалки кои прскаа вода (водна прашина) која ја разладуваше публиката на пеколното топло време. Ние успеавме да дојдеме во првите редови и забележивме како организаторите ставаат нешто пред самата сцена, т.е. во фото питот.

Потоа сфативме дека станува збор за пет пламенофрлачи од кои мислевме дека ќе се запалиме подоцна за време на концертот. Како за бенд кој прв пат настапува во Унгарија, публиката одлично ги прифати. Нивниот настап го започнаа со Different People и звучеа феноменално. Подоцна ги добивме Golden Rule, Who’s got the match и нивниот врв Biblical, на кој публиката полуде. Сите беа презадоволни од нивниот настап затоа што не го свиреа само новиот албум туку, за место каде што за прв пат настапуваат, ги отсвиреа сите големи хитови, како Bubbles и God and Satan, на пример. Срце ни се исполни кога ја слушнавме Opposites (можеби и најдобрата балада за 2013та година)…. како и на 90% од девојките кои беа полудени додека Сајмон ја пееше.

По неколку песни ја добивме и Black Chandelier (исто така од новиот албум) и се заблагодарија на публиката и со стандардна финта си заминаа од сцена, за подоцна да дојдат на бис и за крај да ни ги дадат Stingin’ Belle и Mountains. Верувајте ми, сè уште не можам да се одлучам кој од кој настап беше подобар, но Biffy Clyro ни се во топ 5 за овој Сигет.

По завршетокот на Biffy Clyro на Главната сцена, продолживме на А38 сцената за Bad Religion. А38 сцената се наоѓа веднаш позади Главната сцена и потребни ви се 5 минути пешачење за да стигнете до неа, што е прилично супер. Шаторот беше премал и претесен за да ги собере сите оние кои сакаа да влезат и да присуствуваат на овој настап.
Иако веќе во поодминати години, членовите на Bad Religion, предводени од фронтменот Greg Graffin, направија вистинска атмосфера помеѓу сите панкери и рокери кои беа собрани во првите редови. Публиката во вистинска екстаза постојано правеше mosh pit на брзите гитарски рифови.

Радио МОФ на Сигет - втор дел

Познато е дека текстовите на нивните песни се со политичка, социо-економска и религиска содржина, пришто често се осврнуваат на општествени прашања и проблеми, критикувајќи ги владите и големите корпорации. Повикуваат на меѓусебна почит и разбирање, имање свој сопствен став и мислење и никогаш да не се зема ништо здраво за готово.

„We’re only gonna die“ беше одлично прифатена од целата публика, додека на „Them and us“ и „Come join us“ настана вистински хаос помеѓу сите присутни.
Иако терминот од 23:30 часот беше сосема во ред, за бенд од ваков калибар, со толку обожаватели, сметаме дека А38 сцената беше потценување и дека навистина заслужија место на Главната сцена.

Од напите специјални известувачи,

Николај Митрески и Димитар Низамовски