Радио МОФ ретроспектива на 2023 година

2023 година повторно ја заокружуваме со настаните, личностите и темите кои (сметаме) дека ја одбележаа. Можеби нешто пропуштивме, ама листата е долга, како што и годинава беше долга и полна со „нова“ надеж. По пандемиските години, 2023 беше освежување, па почнавме посериозно да се журкаме, но не изостана ни активноста во општеството проследена со протести, нови одлуки, нови културни места…имаше многу новости, па вклучивме теми со активизам, политика, култура, образование, инклузија… и се’ измеѓу.

1. Светот во нова војна, со рекордна температура и опседнат со вештачката интелигенција 

Додека 2022 ја одбележи инвазијата врз Украина која и понатаму трае, оваа година во светот избувна уште една крвава војна во Газа. Откако милитантите од Хамас на 7 октомври извршија напад во кој беа убиени над илјада Израелци, Израел започна бомбардирање и копнена офанзива врз Појасот Газа. Над 20.000 Палестинци, од кои голем дел деца и жени, досега се убиени во овие напади, а речиси 2 милиони жители се принудно раселени поради војната.

Освен на воен план светот и буквално се вжештуваше изминатава година. Научниците веќе ја прогласија 2023 како најтоплата година откако се мери температурата на глобално ниво, надминувајќи ја претходно рекордната 2020 година за цели 0,32 степени. Глечерите се` побрзо исчезнуваат, концентрациите на јаглерод диоксид во атмосферата се на највисоко ниво во последните 2 милиони години, а најбогатите 1% го туркаат светот кон климатска катастрофа. На крајот на годината светот сепак остави зрнце надеж за подобрување на состојбите, откако речиси 200 држави на Климатската конференција КОП28 постигнаа историски договор во кој за првпат се повикува на напуштање на употребата на фосилните горива. Сепак од финалниот текст е избегнато таканареченото „фазно напуштање“ што го бараа многу држави, организации и активисти, и наместо тоа се споменува само ублажената формулација за „потребата за транзиција надвор од фосилните горива“.

2023 година беше и година која ја одбележи вештачката интелигенција. Во 12 месеци светот се воодушеви, а потоа и се преплаши од моќта со која располагаат големите ВИ јазични модели, како „ChatGPT“. Стотици милиони луѓе низ светот „разговараа“ со овој чет-бот, а голем дел започнаа и да го користат во својата секојдневна работа. Но, оваа алатка отвори дилеми за тоа дали претставува закана да ги замени луѓето, но и за тоа колку е опасна оваа технологија доколку некој почне да ја користи на злонамерен начин. Годината заврши со надеж дека наскоро Европската Унија ќе добие закон за ВИ, со кој, за првпат во светот, сеопфатно ќе се регулира оваа брзорастечка технологија.

2. Уставни (не)измени

Ако треба да се издвои една тема која доминираше на домашната политичка сцена изминатава година, тогаш тоа без дилема беа уставните измени. Речиси цела 2023 година ова беше главното прашање во јавниот живот – од говорите на политичарите и медиумските написи, до коментарите на социјалните мрежи и дискусиите на граѓаните во секојдневниот живот. И експертите и лаиците имаа свое мислење за тоа како да се расплете овој јазол кој ја блокира Македонија на патот кон Европската Унија.

Според преговарачката рамка, Македонија за да ги продолжи евроинтеграциите мора да го промени Уставот и во него да ги додаде припадниците на бугарскиот народ, за што е потребно двотретинска поддршка од пратениците што досега ја немаше. Владата летово го отпочна процесот за уставните измени нарекувајќи го процесот „историска шанса“ која не смее да се пропушти. Опозицијата, пак, цело ова време е против измените, постојано повторувајќи дека корекции на Уставот за нив се неприфатливи, тврдејќи дека ова нема да биде последното барање кое Бугарија го има од Македонија.

Уставот и понатаму стои „отворен“ и се чека пратениците да гласаат за предложените измени. Засега нема информација кога би било првичното гласање по кое би се знаело дали овој процес ќе преживее или ќе пропадне.

Сепак, покрај уставните измени во 2023 година имаше и доста контроверзни политички одлуки кои отворија дилеми за тоа дали Македонија самата си „пука во нога“ на нејзиниот евроинтегративен пат. Во септември Владата предложи, а Собранието во несекојдневно брз процес, „покриено“ со европско знаменце, изгласа измени на Кривичниот законик со кој се намалија затворските казни за злоупотребата на службената должност и злосторничко здружување и дадоа можност за побрзо застарување на делата. Стручните институции и граѓански организации ова го нарекоа „обид за тивка амнестија“, и изразија сериозна загриженост за овој процес.

Последниот европски извештај покажа и големи проблеми во борбата против корупцијата и правосудството. Како еден од главните примери беше посочено контроверзното разрешување на поранешната претседателка на Судскиот совет, но и стопирањето и прекинот на бројни случаи на висока корупција.

Пред крајот на годината негативни реакции предизвикаа и изборите за новиот состав на Антикорупциската комисија и Комисијата за заштита од дискриминација. Во првиот случај постоеше голема дискрепанца помеѓу тоа како одлучуваа пратениците и како одлучуваа претставниците на граѓанскиот сектор, додека во вториот случај организации побараа КСЗД да не стане жртва на партиско вработување и најавија претставка до Уставен суд.

3. Климава „клима“ за младите во Македонија

Младите луѓе на возраст од 18 до 25 години својот идеален дом го замислуваат со многу зеленило и голем двор. Тие сакаат да живеат во близина на центар, на безбедно место, во дом кој ќе им биде блиску до работа, факултет или некој настан. Наспроти желбите, тие најчесто живеат во загаден и бучен град кој не им нуди доволно безбедност, ги истоштува економски, а истовремено ги става во позиција на немање избор што доведува до разочарување.

Ова го посочија од Организацијата за домување и станари (ОДС) преку својот Прирачник, кој прилично ја сумираше „климата“ во Македонија каде младите треба да растат, се развиваат, едуцираат, социјализираат и работат. На крајот, секој млад човек треба да си рече и „Сакам дома да живеам“, како што гласи една песна од „Хахаха“.

Земјава се најде на 57-то место од 153 држави во светот според Индексот на младински развој кој го објави Европскиот младински форум.

На младите влијаеше и инфлацијата. Истражување покажа дека младите работат на две, а понекогаш и на три работни места за да си дозволат квалитетно живеење. Ова доаѓа во услови кога сиромаштијата расте. Бројот на граѓани кои живеат во екстремна сиромаштија, со под 60 денари на дневно ниво, годинава се очекуваше да порасне од 12.000 до 28.000 лица, односно помеѓу 20% и 50% отсто повеќе од преткризната состојба, кога во екстремна сиромаштија живееле 50.000 граѓани.

Повеќе од половина млади од Македонија останаа да работат на професии за кои не се школувале, што го покажа јазот меѓу формалното образование и пазарот на трудот. Истражување во рамки на Активноста на УСАИД, каде беше вклучен и МОФ, укажа дека ИТ и медицината се омилени професии за младите, но, од друга страна, не се многу запознаени со државните мерки или заинтересирани за зелените бизниси. #ОдЕкологијаНемаПари

И покрај тоа што речиси сите рокови од Законот за младинско учество (Закон за млади) беа истечени, Владата, државните институции и општините во 2023-та имаа исполнето само мал дел од законските обврски кои требаше да им помогнат на младите.

Институциите не го есапат Законот за млади [Инфографик]

Менталното здравје остана горлива тема за младите. Затоа невладините бараа измени во Законот за здравствена заштита. Односно – психолог за секое младо лице. Исто така, бараа да се реформира позицијата училишен психолог и да се намалат административните задачи за оваа функција.

Во однос на ноќниот живот, истражување на ХОПС со регионални партнери покажа дека младите најмногу користат алкохол, канабис, кокаин и спид, но им беа ограничени услугите за да ги намалат ризиците од психоактивни супстанци. Во Македонија во 2023 не се издвојуваа средства за побезбеден ноќен живот. Се’ уште не постојат програми за тестирање на дрогата – „drug checking“. Нема програми специјализирани за амфетамини и клупски дроги. Нема програма за лекување на малолетници. #ЕдукацијаПредРепресија

Во ноќниот живот секако влегуваше и коцкањето. Токму растечката зависност од коцкање беше причина Движењето „Антикоцкање“ на неколку пати да реагира и протестира, барајќи законски реформи за отстранување на локалите за игри на среќа од населените места.

Како „дигитални домородци“, младите продолжија да живеат преку интернет. Ова им носеше работа, комуникација, едукација, креација, ама и во 2023-та сфатија дека интернетот не ги следи баш идеалите на Француската револуција. Затоа учеа како да излезат од својот информациски „меур“ и да се справуваат со дезинформации и манипулации, кои доаѓаа од социјалните мрежи, или од некои проблематични онлајн медиуми или инфлуенсери. За инфлуенсерите, по примерот на европски земји, Агенцијата за медиуми започна процес за нивна регулација, со цел да се разграничи што е исправно да се пласира во онлајн светот, без притоа да се наруши медиумскиот плурализам. Viva la internet!

Во море од штетни производи и дезинформации, следен чекор е регулација на македонските инфлуенсери

4. Повеќе штрајкови, помалку учебници во образованието

И овој септември основците го започнаа без „комплет-учебници“. Министерството за образование и наука (МОН) иако уште пред крајот на претходната учебна година ветуваше дека во 2023/2024 ќе има учебници по секој предмет не успеа да достави 43 од вкупно 126 учебници, додека трето и шестодделенците започнаа без ниту еден учебник. За ова Комисијата за спречување и заштита од дискриминација одлучи да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против МОН кое (веројатно) ќе ја добие следната година.

Основците годинава продолжија да влегуваат во светот на медиумската писменост. Таа се имплементираше како дел од предметите мајчин јазик, информатика, општество, граѓанско општество, етика. Притоа, неодамна беше промовирана и Рамка, документ што ги содржи наставните програми од 1 до 9 одделение. Беа обучувани 3.500 наставници, а од септември се обучуваа уште 8.500. Од следната година, медиумската писменост поинтензивно влегува и во средно школо. #КритичкоРазмислување

Часовите за средношколците и годинава во одреден дел беа „бомбастични“, откако алармите за дојави за бомби во школите продолжија да „пиштат“ и по завршувањето на зимскиот распуст. Поради тоа средношколците повеќе време минуваа во автобус на пат кон училиште и назад отколку во училишните клупи, а наставата ја надополнуваа онлајн.

Сојузот на средношколци доби нов претседател – Берин Мухамед кој го наследи Лука Павиќевиќ, а барањата за бесплатен превоз за сите средношколци и натаму се само барања. Средношколците настојуваа за имплементација на нов предмет, кој ги опфаќа финансиското образование, граѓанското образование, дебата, говорништво и медиумската писменост. Бараа и да им се скрати материјалот за матура, на што наидоа на слух кај МОН, но матурата беше неизвесна поради штрајкот на вработените во Државниот испитен центар, кои и изминатиов период беа во генерален штрајк.

Во февруари протестираа и учениците во државната Математичко-информатичка гимназија (МИГ) во Скопје кои беа незадоволни од новите професори за кои сметаа дека немаат доволно квалификации да им предаваат. Нивниот бојкот на наставата резултираше со компромис меѓу нив и директорката, по што беше објавен нов оглас за вработување.

Македонските ученици повторно се меѓу најслабите во регионот на ПИСА тестирањето. Овој пат се забележа драстична разлика. Од вкупно 81 држави, провинции и територии кои беа вклучени во минатогодишното тестирање, С. Македонија се најде на 62 место во математика, на 72 место во читање и на 69 место по наука.

Македонските ученици со драстично полоши резултати на новото ПИСА тестирање, остануваат меѓу најслабите во регионот [Инфографик]

На позитивна нота е тоа што после неколку години застапување, Програмата за служење заедницата на „Еквалис“ се најде во Националната стратегија за млади 2023- 2027, која ја изгласа Владата. Преку пилот програмата, средношколците од 16 училишта од осум општини низ Македонија волонтерски би служеле во локалната заедница.

Проблемот досега, меѓу другото, е што сите активности и иницијативи поврзани со помагање во локалната заедница се надвор од формалниот образовен систем и, како такви, нивната вредност е донекаде непризнаена. Ако некогаш генерации млади граѓани биле поттикнувани да помагаат за пошумување на Водно, да учествуваат во студентски акции за спасување по скопскиот земјотресот, во ударнички акции за изградба на болници и разни објекти, во акции за социјално загрозени… работата е денеска таквиот „мајндсет“ да се создава уште од школо. Да не биде оставено само на наставници ентузијасти, на невладини организации, туку на организиран систем, со корени всадени на локално ниво.

Средношколци преку пилот програма ќе волонтираат во локалната заедница

Ниту еден од македонските универзитети ни оваа година не се најде на Шангајската листа, но затоа Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ по скоро 15 години отвори лекторати на странски универзитети.

Од државните како Факултетот за физичка култура и најбараниот од студентите – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и годинава останаа во полуизградба, а багери и градежни работници немаше и во ниту еден од студентските домови кои требаше да почнат да се реновираат во втората половина на 2023 година.

Додека едни студенти со години немаат зграда за учење или домување, други полека ја губеа постоечката – МОН побара да се одземе дозволата за работа на приватниот Факултет за бизнис економија. Иако редовно плаќаа за испити, студентите на овој факултет немаа предавања, откако на почетокот на академската 2022/23 сите професори добија отказ.

УКИМ доби нов студентски лидер Александар Николовски (не е истиот опозиционерот). Од него, во глава ни остана иницијативата да се укине книжниот индекс, поголема дигитализација, но и формирање студентски бенд и хор. #Чекаме

Иако УКИМ доби и нова ректорка, професорката Билјана Ангелова, и натаму салата во општествениот кампус стои запуштена, искршена и со бројни ветувања за санирање во иднина. А, тука е и проблемот со корупцијата за која 20% од студентите сметаат дека е активна, а 94% од нив никогаш не ја пријавиле до управата. Студентите воопшто не знаат и дека постои бесплатен психолог каде може да се обратат за проблемите со анксиозноста и стресот.

Студентите најчесто се жалат на анксиозност, осаменост и депресија, но не знаат дека има бесплатен студентски психолог

5. Потребата од инклузија поинтензивно влезе во јавната сфера  

Во 2023 заврши проектот на „Чекор по чекор“ –  „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, па, сега, останува Владата и општините сериозно да продолжат со инклузијата. Она што генерално се знае, е потребата од поголема пристапност во училиштата, градење инклузивна клима, поизразено буџетирање, но и обуки и компетенции за наставниците и инклузивениот кадар.

Ова стана особено важно, ако се знае дека школите во 2023 имаа куп проблеми за да обезбедат образовни асистенти, материјали или инфраструктура, откако изминативе години беа донесени нови закони, мерки и правилници со инклузивна димензија.

[Став] Атипичните млади во 2024 година сакаат пристојно образование, а не инклузија што личи на илузија  

МКФ-службите од стартот на 2023, со новиот Правилник на функционална проценка, добија дополнителни задачи да прават проценки и за социјални и здравствени мерки – посебен додаток, ортопедски помагала итн. Правилникот беше подготвуван три години од домашни институции и меѓународни зналци, со цел да се делува кон „способности“ и „можности“, наместо за „неспособности“ и „оштетувања“, согласно интернационални стандарди.

Сепак, бирократски бариери со институциите го оддолжија формирањето на одредени МКФ-тела (Охрид, Велес, Куманово…). Требаше вработувања нови лица (психолози, дефектолози), некаде недостасуваа и просторни услови… Сето ова влијаеше родители да реагираат дека ненавремено се повикуваат со децата на првична проценка, па некои беа ставени на листа на чекање со месеци. А, без да поминат термин, владееше неизвесност дали и кога би добиле образовен асистент, или пак додаток. #НемаИнклузијаБезРесурси

Дел родители на деца со Даунов синдром реагираа откако не им беше доделен посебен додаток, кој велеа им значи многу да врзат крај со крај и му овозможат развој на детето. Реакциите се проширија по социјалните мрежи. Ја подразбудија јавноста што значи да се биде во кожата на родител со дете со Даунов синдром. Се подразбудија и институциите, па додатокот веднаш стигна кај родителите.

Глувите лица и нивните застапници изразија поголема потреба од толкувач. Потреба за да отидат до доктор, банка, на обука, или до било која институција, а 40 часа годишно им се премалку. Исто така, посочија дека македонскиот знаковен јазик е единствениот јазик во државата што не е стандардизиран.

Годинава донесе и низа позитивни струења. „Сината светулка“ изработи Прирачник за поддршка при вработување на лица со аутизам. Меѓувремено, во центарот за окупациона терапија „Крикни“, млади девојки со и без попреченост, беа дел од работилници, на кои секој можеше да се приклучи и да ја развива својата креативност. Поентата беше: од инклузивен накит до финансиска независност.

Отворено беше првото инклузивно музичко училиште „Inclusive music“. Таму ќе најдете клавијатури, тапани, гитари, а музичарот Дамјан Даневски заедно работи со дефектолог. Пристапот зависи од дете до дете. Ако има проблеми со говор – да се поработи со говор. Ако има со фина моторика – со фина моторика.

Во полето на инклузијата активни беа и МОФ, „Отворете ги прозорците“, „Чекор по чекор“, „Инклузива“… Исто така, студиото „Денсерс Јунајтед“ од првенството во Варшава се врати со повеќе награди, додека „Театар Пи“ тргна со кампањата „Ние, луѓето“ за поголемо вклучување на лицата со интелектуална попреченост во културата и општествениот живот.

Кога зборуваме за вклучување на атипичните лица, виталност покажаа „Колектив Ветерница“ заедно со ансамблот на „Трисомија 21“. Нивните претстави и активности говореа колку е важна соработката меѓу уметниците, децата и атипичните луѓе, за полесно да се интегрираат во општеството. И, воопшто, да не се потцени нивниот креативен импут. Наместо патетики и сожалување, во нив да се гладаат соработници. Тие да бидат релевентен актер во културната сфера, релевантни за критиката. #ЖивотАнеВечнаИнклузија

„Чудата во земјата на Алисите“ – ослободување од личното стаклено ѕвоно

6. Културата е скапа, некултурата поскапа!

Откако одбележа половина век постоење и ја доби наградата „13 ноември“ од Град Скопје, МКЦ од истиот тој Град Скопје, под водство на градоначалничката Данела Арсовска, стана мета на обвинувања за незаконско работење. Ова дојде откако МКЦ откри дека програмскиот буџет им се крати, а постоечкиот в.д. директор, Ванчо Богоев, е сменет од позиција бидејќи не подлегнал на притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Бени Шаќири.

Скратениот буџет и најавата на нов директор создадоа вулкан од незадоволство во јавноста, особено меѓу младите уметници и музичари што живеат во симбиоза со Центарот. Така се роди движењето „Сите за МКЦ“. Се случи протестно-музички хепенинг, организиран од растечкиот колектив „Гола планина“, каде стотици млади порачаа „Културата е скапа, некултурата поскапа!“.

За каузата за МКЦ се собираа офлајн и онлајн петиции, а се случи и герила-акција на фестивалот „Земјотрес“. Пораката на младите беше еуфорично прифатена од присутните, платно се развиори и го држеа над себе десетици луѓе, додека Дина Јашари ја изведуваше песната „Дома“, адаптирана со текст „Мојот дом е таму каде што е МКЦ“.

„Видете нѐ колку нѐ има. Сите за МКЦ“ порачаа младите на „Земјотрес“

Во текот на летото Управниот суд пресуди дека Арсовска незаконски го назначила детективот Никола Алексов за директор на МКЦ, а потоа Антикорупциска комисија побара кривичен прогон на градоначалничката. Моментално, се чекаат резултатите од новиот конкурс за директор на МКЦ.

Ваквите случувања не го спречија Центарот да продолжи да биде втор дом за илјадници млади и не-толку-млади од Скопје и државата. Да дојдат, да се култивираат, дружат, но и да избегаат од лудилото што се случува во Македонија. Оттука, во МКЦ се случија концерти на „Шортпарис“, Мишел Гуревич, „Даикаиџу“, „Алџиерс“, „Наксатрас“, „21 век“, „Фулиш Грин“, „Луфтанза“… Културните фанатици уживаа и во фестивали како „Здраво Млади“, „ПИН“, „Востание“, „Енгејџ“… Центарот беше дом и на дел од „МакеДокс“, „Оффест“ и „Скопски џез фестивал“.

На 48-миот МОТ, театарот „Златен елец“ ја доби наградата „БИШ“ за најдобра независна театарска продукција. Трупата беше актуелна со претставата „Кенди“, која зборува за зависноста, за анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубовна врска постепено се изобличува…

Од останатите скопски културни свртувалишта, Центар-Јадро беше активно со низа изложби, дискусии и алтернативни собиранки. Потоа, Партизанска штампа, СЦ „Дуња“, кафе-киното „Котур“, кафе-книжарницата „Буква“, џез-локалот „Џези“, „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија…

При крајот на годината се отвори и „Лабораториум“ – нов едукативен културен центар. Се работи за мултифункционалниот простор за разни дисциплини, место каде нема само да дојдеш и да креираш нешто, туку ќе креираш во заедница. Целта е посетителите да искусат театар, музика, храна, перформанси, занаети, но во отворен простор на ниво на комуна, а не како во клуб или кафуле. #Свежина

„Лабораториум“ – собирно место за креативци и изучување на креативата како занает

Скопје се’ уште добро котира на листите за најзагаден град во светот, па затоа Скопје остана единствен избор за реализација на 9-то издание на „Под земја полесно се дише“. Присутните добија богат репертоар за културно инхалирање свежа продукција од областа на визуелните и музичките уметности.

Млади за Скопје“ продолжија со нова сезона свирки. Се случи вториот фестивал за алтернативна фотографија „Зрно“, првенчето на „Клинци“, „Скопски поетски фестивал“, фестивалот за јапонска култура „Нихон-Џи“ што се фокусираше на традицијата и технологијата, но и „Скомрахи“: идеја да покаже што сѐ може уметникот, а што сѐ не може вештачката интелигенција.

Истовремено, младинското здружение за креативно изразување „Култура Бета“ го прослави својот трет роденден, а лабелот „Шарла“ одбележа десетгодишен јубилеј – 10 години хомоген музичко-издавачки колектив базиран на силна взаемна доверба и љубов, незатруен од клик/хајп културата.

[Интервју] Давид Ангелевски: Денес е најголем предизвик да се остане надвор од црно-белиот вортекс на апсурд и омраза

Надвор од Скопје, актуелни беа „Space Tetovo“. Откако од општината лани беа принудени да го напуштат првичниот дом, сега тие се преселија во нова локација. „Спејсери“ во новото катче продолжуваат во полна пареа да работат на нови креативи со цел да го шират концептот на дружење, култура и активизам што ќе им биде достапен на сите, а пред сè на младите во градот.

Д Фестивал“ се органираше повторно во Дојран. Забава и култура, летен микс покрај езеро. Ем сонце, ем бендови, ем млада енергија распрскана наоколу.

Во Куманово, пак, десетици настани се случуваа во„Валхала“, а во Битола – „Везилка“. Битола стана и синоним за метал!

[Интервју] „Metal Discharge“: На македонската сцена се случува вистинска метал експанзија

Ако некој носталгичар каже „денес македонската музика е тапа“, или „слабо се издава музика“, тогаш ние ќе му ја пуштиме оваа листа:

Домашни албуми од 2023 што можеби ги пропуштивте

„Роман на годината“ беше делото со најдолг наслов „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на македонскиот писател Влада Урошевиќ.

Од филмскиот свет, прв на памет ни паѓа „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски, исто така „М“ на Вардан Тозија, „Лена и Владимир“ на Игор Алексов, „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова… Сигурно имаше уште многу, ама на овие ни текнува во моментот :)

За културниот активизам се слушна дури до Брисел, па откако влезе во потесната трка, Скопје беше избран за „Европска престолнина на културата за 2028 година“. Веста ја објавија надлежните институции кои не ги исплатија ветените годишни средства од повикот за култура на ниво на Град Скопје за 2023 година, а повик за 2024 воопшто не се објави.

7.Младински, локален и еко-активизам

Ова беше и година за преиспитување на младинскиот, локалниот и еко-активизмот. По пандемијата, се отворија прашања колку активистите почнаа да излегуваат на терен, или се’ затворија само онлајн? Имаа ли потреба од нови простори за здружување? Имаа ли воопшто волја и причина поактивно да се ангажираат? Какви беа нивните акции?

[Видео] Јасно и гласно: Каде тера младинскиот активизам

Горе веќе пишувавме за „Гола планина“ кои преку движењето „Сите за МКЦ“ беа на браникот на одбрана на Младинскиот културен центар, а притоа колективот работеше и на соработка меѓу младите уметници. „Еквалис“, пак, ја подигна Мрежата за еднаквост за да ги вклучи младите во донесувањето одлуки, да се елиминираат стигмите, предрасудите и стереотипите преку активизам, лобирање и локална волонтерска работа. Истовремено, социјалниот центар „Дуња“ редовно организираше настани и го поттикнуваше антикапиталистичкиот и солидарен дух кај младите.

Младинскиот активизам го одбележа и годинешното издание на „ENGAGE Youth“.

Младинскиот активизам и култура го одбележаа „Engage Youth“

 

Центарот за современа уметност, во свој манир, правеше герила-акции.

Активистите ја претставија „Чекалната“ за сите граѓани кои 30 години чекаат нешто да се случи во Македонија. Исто така, во Струмица повикаа на „Стоп за рибокрадството со струја“, поставија канта за отпадоци што зборува и опоменува каде да фрлате ѓубре, а пред крајот на годината направија куќички за вдомување на кучињата од скопските маала.

Во центарот на Скопје подигната „Чекална“ за сите граѓани кои 30 години чекаат нешто да се случи

Еко-активизмот беше посебно агилен, особено кога во прашање беше рудникот Иловица-Штука. Граѓани од повеќе генерации излегоа на протест и побараа итно и неодложно одземање на споената концесија, но и одговорност од надлежните министерства.

Недостаток на вода, загадена храна, празни полиња… Ако се отвори рудник, жителите од Иловица и Штука рекоа дека не само нивните села, туку и целиот Југоисток и воопшто државата ќе има последици. Затоа во таа борба рипнаа и млади луѓе. Рипнаа во поддршка и еко-активисти од цела Македонија.

Граѓани протестираа против изградба на две мини хидроелектрани на планината Кожуф. За хидроелектрани реакции стигаа и од „Еко-свест“, Охрид СОС се бореше против уништување на Охрид, додека против бетонизација во Скопје и годинава гласни беа Борба за Влае, Независни за Карпош, Шанса за Центар, Зелен Хуман Град, О2 Иницијатива… На оваа листа се приклучи и новата иницијатива од Лисиче –  „Да го зачуваме Лисиче“.

Граѓаните симболично се собираа пред локацијата каде стравуваа дека ќе никне 12-катница, една од повеќето згради предвидени со Деталниот урбанистички план ЈИ09. тие со транспаренти „Стоп за урбаната мафија“, „НЕ за згради во Лисиче“, „Ќе дишеме отров?“, но и со свирежи и балони испишани со „Го сакам моето Лисиче“ изразија револт против ваквото урбанизирање, потенцирајќи дека тоа ќе ги направи затвореници во нивните домови.

Протест во Лисиче, фото: Радио МОФ

8.Борба за човекови и работнички права

Во септември граѓаните го истурија својот бес по скандалот на Клиниката за онкологија, кога стотици луѓе излегоа на протест револтирани од информациите кои излегоа во јавност дека во болницата се препродавала скапа терапија на црниот пазар, додека на дел од пациентите им била давана половична терапија без тие да го знаат тоа.

Незадоволство имаше и кај пациентите со цистична фиброза кои на серија протести пред Владата побараа современа терапија и соодветни услови за хоспитализација. Тие со недели споделуваа приказни за тоа како изгледаат нивните животи, кога знаат дека постои терапија која може да им помогне, но државата не им ја обезбедува и обвинуваа дека надлежните институции им ги кршат нивните човекови права.

„Гласен текстилец“ летото објави мини-победа: за прв пат во Македонија 32 работнички се обештетени од странски модни брендови.

Пред крајот на годината протестираа новинарите и медиумските работници. Со транспаренти на кои пишуваше „Не ми се ќути“, „Не сме џубокс“ и „Осудени за вистината!“ тие го искажаа своето незадоволство по пресудата во случајот „Фероинвест против ИРЛ“ во која беше оспорен статусот на новинарите во ИРЛ, што според новинарските здруженија може да биде опасен преседан во иднина.

[Галерија] Со „честитки“ од читатели Радио МОФ го одбележува Светскиот ден на слободата на медиумите

 

Во 2023 се одржаа и протести за заштита на жртвите од родово базирано насилство, марш за видливост на трансродовите лица, во летото беше организирана четвртата Парада на гордоста на улиците низ Скопје, додека сексуалните работнички протестираа за да ја одбележат задоцнетата правда. По војната во Газа се одржа и собир во солидарност со Палестина, кога преку Мегафон се читаше и песната „Мисли на другите“ од познатиот палестински поет Махмут Дарвиш, а потоа и песната „Цвеќе на слободата“ од македонскиот поет Панде Манојлов.

9.Младински успеси

Годинава во фокусот беа „групни“ успеси на млади. Тројца матуранти од електротехничкото училиште „Михајло Пупин“ создадоа паметна ракавица, со помош на која може да комуницираат глувонеми лица на знаковен јазик. Средношколскиот тим LuftOn, од „Орце Николов“ преку UpShift програмата смислија идеја за намалување на загадувањето и рециклажа – изработка на мастило за принтање од оџачарски саѓи.

На почетокот на годинава, младите Андриана Илиевска, Марко Андонов-Ацев и Александра Манолчева ја основаа платформата Направи повеќе/ Do more, преку која сите можат да донираат финансиски средства за социјално загрозени фамилии и поединци.

Тројца матуранти создадоа паметна ракавица со која може да се комуницира со глувонеми лица

Младите дебатери на МОФ годинава беа прилично агилни и активни. Тимот „АМЕ“ од Скопје победи на Националното дебатно првенство 2023, а на дебатното првенство на почетници – Леона Ширкова, Ивона Јуркова и Борјан Стојковски.

„Зелените идеи“ на АРНО донесоа свежи идеи за добробит на локалните заедници. Наградени беа „Дизајн на ташни со техника на плетење без создавање отпад, изработени од самохрани мајки“ на Натали Ристовска и „Дизајнерски шапки“ на Мирјана Јосифоска. За ембрионска победничка идеја, пак, беше е избрана идејата „APICO-PRO SUPERFOOD“.

[Интервју] Мирјана Јосифоска: Од остатоците по производството на шапки, создаваме стегачи за коса за да добиеме нула отпад

Наградите за младинско учество ги добија новинарот Гоше Николов, во индивидуалната категорија, Училишниот спортски клуб ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ во категоријата неформални групи и Здружението на граѓани „Младите можат“ во категоријата младински организации, организации за млади и чадор младински организации.

Младата активистка за правата на децата од самохрани и еднородителски семејства, Елена Божиновска ја доби наградата „13 ноември“ што ја доделува Град Скопје и наградата „Emerging Europe“ за млада инфлуенсерка на годината. Во „Успешни млади“ преку признанието што го доделува претседателот Стево Пендаровски, годинава се приклучија и Милка Ивановска Хаџиевска, Бобан Карапејовски, Гордана Каплан, Филип Конески, Марио Ванчоски, Кристијан Лазарев, Дарја Ризова и Чендрим Ријани.

Фото: Елена Божиновска / Фејсбук

Успеси имаше и во областа на образованието – Теодора Тиквешанска, ученичка во СУГС „Орце Николов“ – Скопје доби почесно признание за своето постигнување на Меѓународната филозофска олимпијада што се одржуваше во Олимпија, Грција.

Годишната награда за млади истражувачи на Народната банка ја доби Александра Данева за трудот „Поврат на акции, ризик и карактеристики на претпријатијата на пазарите во развој: Емпириски докази од Македонската берза“.

Во полето на културата, творештвото на истакнатиот македонски поет Радован Павловски доби свој виртуелен музеј. Негова основачка е студентката Клементина Аврамовиќ која доаѓа од Филолошки факултат. Тапанарот Драган Теодосиев, пак, ја доби наградата за најдобар млад македонски џез музичар, признание што го доделува „Скопски џез фестивал“.

Фото: Скопски џез фестивал

Mладата Дарија Јовановска победи на манифестацијата „Отскочна даска“ по што ги претставуваше младите поети на годинешниот Скопски поетски фестивал, додека „Гола планина колектив“ беше меѓу добитниците на „ХЕМИ Инкубаторот 2023“, кој ја препозна визијата да се обедини сцената со новиот бран музичари и уметници.

Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“ и Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ се овогодишните добитници на државната награда „Мето Јовановски која претставува највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Со наградата „ДЕНЕС“ која е наменета за млади уметници до 35 години се закитија Ѓорѓи Десподов, Бурџу Мусли и Клелија Живковиќ.

[Интервју] Клелија Живковиќ: Да бидеш уметник значи да си во дијалог со постојана неизвесност

10. Радио МОФ рубрики :) 

И додека во 2021 година, на македонски јазик ги добивме петте македонски Зборови на годината, во 2023, исто како во 2022, годината ќе мораме да ја гледаме низ призмата на странски термини.

Зборови на годината за 2023 според британскиот речник „Колинс“ е „вештачка интелигенција“, според речникот „Миријам-Вебстер“ е „автентично“, според  Речникот на Кембриџ е „халуцинира“, а според Оксфордскиот речник е „rizz“.

И додека глобално, трендот со вештачката интелигенција продолжува, па ChatGPT беше најпребаруван термин на глобално ниво на Википедија, првите пет најпребарувани термини на Википедија на македонски јазик се „Македонија“ со 96.053 прегледи, втор е „Гоце Делчев“ со 72.884 прегледи, на трето место е „Скопје“ со 60.719 прегледи, на четврто место е „Оче наш“ со 59.238 прегледи, а на петто место е „Цистична фиброза“ со 44.905 прегледи.

Од друга страна, глобално на „Гугл“ најпребарувани термини се „Израел и Хамас“, „Земјотрес во Турција и Сирија“, а на трето место е подморницата „Титан“.

Во едно вакво време-невреме, каде згора на сѐ преовладува трендот на вештачката интелигенција, Радио МОФ се труди да продуција свежи содржини на македонски јазик, со природна интелигенција :)

Преку своите рубрики за кратки раскази (#РаскажиМи), поезија (#ИнстаПоезија), фотографија (#НизТвојотОбјектив), музички албуми (#5АлбумиЗаПоДома) и гејминг/научна фантастика (#Поларис) , се трудиме да им отстапиме простор на младите креативци кои неуморно и за среќа, сѐ уште мотивирано создаваат оригинална уметност.

Во рубриката #РаскажиМи објавивме 42 раскази на македонски јазик. Среќни сме што оваа година во рамки на #РаскажиМи можеа да се прочитаат сите наградени кратки раскази на млади автор(к)и кои дебитираа на новиот Конкурс за краток расказ – „Тврдоглави“ во чест на Славко Јаневски. Дополнително, во рубриката можеа да се прочитаат и извадоци од неколку романи на млади писател(к)и, а меѓу нив беа и наградените со „Штефица Цвек“ – регионална награда за квир и феминистичка фикција.

Секој понеделник се трудевме да го разубавиме и олесниме со стихови од млади поетеси и поети преку рубриката #ИнстаПоезија, па оваа година објавивме над 40 поетски дела – практика која ќе се трудиме да ја задржиме и во новата 2024 година.

Живеејќи во ерата на визуелното, нашата платформа оваа година беше отворена и за млади фотографи и фотографки. Со преку 40 објави во рубриката #НизТвојотОбјектив имавме можност да го погледнеме светот низ вашите објективи и перспективи, откривајќи многу скриена убавина во секојдневната околина.

Како и секоја, и оваа година беше исполнета со среќни, тажни, еуфорични и драматични моменти. Без разлика, некои од нив беа доволно силни за да ги паметиме засекогаш. Рубриката #5АлбумиЗаПоДома содржи музика за секакви мемории. Нурнете се во нашите 29 листи со најразлична музика и пронајдете го „саундтракот“ на 2023 низ 145 странски и македонски музички изданија.

Никогаш доста од мистерија и научна фантастика! И оваа година продолживме со рубриката #Поларис каде објавивме над 15 текстови за гејминг, филмови, технологија и научна фантастика.

Нови подкасти на Радио МОФ

Можеби порано популарно беше сите да бидат фотографи, потоа диџеи, а сега сите сакаат да се водители на подкаст. И кон оваа желба пристапивме без предрасуди, па при крајот на годината го затворивме повикот и ја официјализиравме листата на (видео) поткасти кои ќе се продуцираат во нашето студио.

Новата 2024 година ја дочекуваме со петнаесеттина нови, (видео) подкасти за поп-култура и гејминг, дрег култура, образование, филм и психологија, ментално здравје, алтернативна музика, финансиска писменост и инклузивност.

Наместо честитка оставаме линкови од подкастите и пожелуваме да ги слушнете нивните нови, свежи, гласови кои се надеваме дека уште долго ќе се слушаат низ етерот.

Се читаме во 2024,
Тимот на Радио МОФ