На десетиот Reworks фестивал настапија повеќе од 40 изведувачи во текот на 4 вечери. Музичката понуда и на ова фестивалско издание се стремеше да ги задоволи најпребирливите слушатели на електронската музика.
Во текот на саботната вечер (19 септември) во Mylos комплексот се случи кулминација на фестивалот, како според посетеноста (според отрганизаторот беа присутни повеќе од 5000 лица)така и со бројката на изведувачи. Скоро 30 изведувачи во текот на целата вечер настапуваа на 7 одделни сцени, а забавата траеше до 7 часот наутро.
Како најинтересни можеа да се издвојат настапите на Fritz Kalkbrenner (Suol, Germany), Heidi (Jackathon, Canada), Henrik Schwarz (Innervisions, Germany), Stassy (Techno Taverna, Germany), Alix Alvarez (Ovum, USA), Dennis Ferrer (Objektivity, USA), Nightmares on Wax (Warp, UK) и Fortuna Records showcase (Fortuna, Israel).
Бројноста на публиката и преоптоварените системи за разладување во одредени моменти уживањето го ограничија во затворените Reworks Warehouse CUStage, Reworks Club, Reworks Lab, Reworks Library. Последниот дел од десетиот Reworks festival беше оддржан во неделата на традиционалната локација резервирана за последниот ден од Reworks festival, на седмиот кат на преубавиот МЕТ Хотел во Солун.
Иако овој дел од фестивалот беше затворен за новинарски екипи, благодарение на добрите односи со организаторот на фестивалот и долгогодишниот пријателски однос со македонската публика и ДЈ-и, на екипата на Радио МОФ и беше овозможено да го покрие и овој дел од фестивалот и тоа со ексклузивно интервју со специјалниот гостин на вечерта, Alix Alvarez (Ovum, USA).
Alix Alvarez е лице кое повеќе од 20 години го обликува својот однос кон техното и хаусот и тоа го сеуште го прави на либерален и прогресивен начин, употребувајки ги знаењата и вештините кои ги има стекнато преку неговите ангажмани како музички инженер и следбеник на пионерите на брејкбит и хип-хоп музиката во Бронкс и Менхетен. Денеска е ценет и преработуван од страна на големите имиња како Loco Dice, Josh Wink, Luciano и Ricardo Villalobos.
Што те внесе во музиката, дали потекнуваш од музичко семејство или сам започна (со диџејството)?
Па да, мајка ми и татко ми собираа плочи, брат ми беше диџеј, братучед ми беше диџеј, сестра ми беше поврзана со клубови низ Њујорк и Њу Џерси во раните деведесетти и често пати носеше плочи дома, независно од кој настапувач. Јас ги земав и ги преслушував.
Кога беше моментот кога почна да настапуваш по клубови, да имаш „тезги“? Каков беше периодот на транзиција,како изгледаше тоа?
Во првиот клуб настапив кога имав 20 години и тоа беше клуб во Бруклин…всушност, не. Запознав тип што правеше журка во Бруклин, кој ме покани да пуштам музика на неговата журка во Бруклин. Така што, да, во тој период почнав да пуштам музика по клубови.
Со кој музички правец започна, кои беа твоите музички идоли?
За мене почетокот не беше електронската музика. Израснав во Њујорк и многу од музичката сцена беше ориентирана кон хип-хопот. Се што имаше на радио тогаш, како на пример Red Alert (диџејот) беше тогаш на радио во Њујорк. Исто така и тогаш беше и David Morales… пионерите во електронската музика. Тогаш на радио станиците во Њујорк се слушаше микс од техно, хаус и хип-хоп, секој ден. Денеска е повеќе како една линија, еден жанр и тоа се слуша, додека тогаш беше мешавина од се, од добра музика. Израснав со хип-хоп и хаус музика и кога почнав да пуштам музика ги пуштав и двата жанрови.
Aлександар Стојановски и Гри Халас